Сите сме ја слушале фразата: „Се вртиш како елемија“. Е, арно ама, еден пријател го слушнал како „Се вртиш како Еремија“, односно не му е јасно дали е елемија или е еремија. А дали има разлика меѓу овие два збора? Да, има, и тоа голема. Да објасниме прво, сосема кратко за ЕРЕМИЈА. Тој е старозаветен пророк. Според Библијата, до него допрел Господов глас: “Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите”. Празникот на Св. пророк Еремија се одбележува на 14 мај. Нашиот народ го празнува како еден од најголемите празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи. Пагански обичаи. Се сеќаваме кога во Прилеп, на тој ден, се тропаше со разни тенекии, тенџериња и слично и се викаше: “Бегајте, змии, гуштери, ете го Еремија”. Некои викаа “Ете ја Еремија”, мислејќи дека станува збор за жена. Формата на името Еремија, на некои луѓе им прилегаше на женско. Своевремено, според ова име се крштаваа и деца. Во последно време тоа е голема реткост. Речиси и не сме го слушнале. Инаку, самото име Еремија, (Еремиј) на еврејски значи “Од Бога возвишен”. Во Речникот на лични имиња, Васил Дрвошанов пишува дека Еремија на еврејски значи “Бог отфрла”. Не ни е јасна оваа формулација. Ете толку за Еремија.
Рековме, на пријателот му се мешале зборовите ЕРЕМИЈА и ЕЛЕМИЈА. Сосема друго нешто е елемијата. Тоа е специјална направа. Изработена е од танки летвички и два круга (исто дрвени, може и метални). Едниот поголем, другиот помал. Поголемиот е на долната страна. Летвичките се прицврстуваат на двата круга и се добива конусовидна форма. Во средината е поставена оска, и затоа елемијата може лесно да се врти. Порано жените предеа со вретено. Потоа, преденото го намотуваа на аршин. Тој е долг седумдесетина сантиметри. Од едната страна е чепорошка, на другата има заковано летвичка, колку една педа. Откако ќе се намоташе преденото на аршинот, се одделуваше од него и се добиваше определена мотаница во кружна форма (имаше име, сме го заборавиле). Е, таа мотаница се навлекуваше на елемијата. Целта на жените беше да го премотаат преденото во клопче. И така мотајќи клопче, преденото се одмотуваше од елемијата. Бидејќи тоа лесно се врти овозможува без проблем да се формира клопчето. Ако некоја жена не поседувала елемија, треба да ангажира човек кој на двете раце ќе го држи преденото, а жената ќе мота, и ќе го прави клопчето. Но, за ваква работа се троши и време, а се ангажира и човек. Обично децата беа ангажирани за вакво нешто. Значи, елемијата, во овој процес на работа е мошне корисен реквизит. Рековме дека може лесно да се врти. Значи, на некој човек ако непотребно се врти околу некој кој нешто работи, му пречи во работата, ќе му речеа: “Бегај таму, нетуку се врти околу како елемија”.
Да заклучиме. ЕРЕМИЈА е библиски светец, а ЕЛЕМИЈА е реквизит кој служи за мотање (одмотување) на преденото.