Доделени наградите Трети ноември

Инженер архитектот Душко Најдоски е добитник на наградата за животно дело Трети ноември. Наградата му беше врачена на свечената седница на Советот на општината.
Според образложението на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, тој е доајен и основоположникот на архитектонската дејност во Прилеп. Негови дела се објектот на Комерцијална банка, Стоковната куќа, деветкатницата, Основниот суд, зградата на полициската станица, најголемиот дел од Точила, станбените комплекси во населбата Димо Наредникот, многу основни училишта, најголемиот дел од објектите на Тутунскиот комбинат, Сладарницата, Фабриката за цигари… Заслужен е и за градбата на регионалниот водовод Студенчица. Бил вклучен во проекти не само во Македонија, туку и во поранешна Југославија, а работел и во Турција.

– Големото признание го добивам кога мојата проектантска дејност е завршена. Наградата е круна за целокупното работење и затоа ми е особена драга – изјави Најдоски.

Плакети 3-ти Ноември добија КУД Мирче Ацев, за меѓународна промоција на културните вредности, мото клубот Синови на громот за промовирање на мото-културата и органирање на многубројни хуманитарни активности и Детската амбасада, За сите деца во светот, за 20 годишната активност во областа на заштитата на правата на децата и Здружението РОМА С.О.С. за едукација на ромското население. Со дипломи Трети ноември се закитија Василе Димески за достигнување во областа на литературата, Александар Стојкоски за врвни достигнувања во планинското трчање и Миле Спирковски за придонес во одржувањето на родната куќа на великанот Блаже Конески.

– Делата на Најдоски треба да бидат мотив за идните генерации за афирмација на Прилеп – рече Миле Талевски, претседател на Советот.
Градоначалникот Илија Јованоски изјави дека идеалите на хероите се и наши идеали во ова современо доба.
– Битката продолжува за економски развој, за нови работни места, за стопирање на иселувањето на младите, за модернизација и урбанизација на секој дел од градот… Го продолжуваме аманетот на хероите. Делата на годинешните добитници се потврда дека Прилеп има современи херои, кои водат битки на сите полиња – рече Јованоски.
Делегации на локалната самоуправа, советниците, пратениците, политичките партии, борците и здруженијата на бранителите положија цвеќиња на Могилата на непобедените, на споменикот на ослободителите на Песјобрдце и на паметниците на Ченто, Питу…






![]()

