Јованоски со директорите на ВИК

„Стоиме на располагање како логистика во сите сфери“. Ова го изјави градоначалникот Илија Јованоски на средбата со претставниците на германската компанија за производство на апарати за домаќинство, ВИК, која в година ќе ги активира машините во халата од 10 000 м2 во зоната Алинци.
Извршниот директор на ВИК, Кристоф Дорн, информира за текот на инвестицијата и градбата на погоните. Според него, вложувањето ќе финишира во втората половина на идната 2018 година, кога треба да започне со работа со полн капацитет. Планираат и следни чекори со втора и трета фаза за проширување на капацитетите за 10.000 м2.

Јованоски најави поддршка од локалната логистика за стимулација на странската инвестиција,
– Ги поддржуваме напорите и заложбите за интензивирање на инвестиционите циклуси. Стимулирање на нови странски инвестиции и отворање на нови работни места, се елементите на економскиот развој на општината – рече Јованоски.
Германскиот инвеститор се чувствува добредојден, особено во време кога се размислува само на градба на трговски центри а во Алинци се гради производствени објекти. Тие се среќни што ќе ги отворат вратите за сите млади луѓе со амбиција и мотивирани за работа. Го чувствуваат добриот дух на луѓето и позитивната атмосфера. Со голема доверба препознаваат дека Прилеп и Македонија се одличен избор.
ВИК постави камен темелник на фабриката летоска. Предвидено е инвестицијата да тежи околу 12 милиони евра во неколку фази. Фабриката првин ќе се простира на 10.000 м2 и ќе вработи неколку стотина работници. Во втората фаза се очекува вработувањата да стигнат до 1.000 работници кои ќе произведуваат апарати за домаќинството за европскиот пазар.
Во зоната Алинци веќе татнат машините за производство на делови за автомобили на американската компанија Гентерм, водени од над 1000 работници и германската фирма Акумпласт со неколку десетици вработени и тенденција на пораст.
![]()

