ПОВОД – 23 ОКТОМВРИ 1893 год.
Во бурите на крајот на тој жесток 19 век израснува ВМРО како најмоќен протест против тиранијата и злото, против егоизмот и насилството. Ореол на борец за слобода и човекови права. Организирано револуционерно движење со длабока демократска идеологија, со скромни претензии за автономна Македонија. Тоа зборува за здрав политички смисол на нејзините раководители. Вистински стражар на националното дело на македонскиот народ. Што е поблагородно од тоа да и служиш на татковината.
Долг и тежок пат на победи и порази, пат тесно сврзан со народните идеали. Нејзината решителност и готовност за саможртва служат како пример на идните генерации. По зборовите на еден англиски коресподент, ВМРО станува една од најпопуларните нелегални организации во Европа, предизвикува восхит на стариот континент, далеку од границите на Османлиската империја. Трајно највлегува во дипломатскиот живот и европското општествено мнение. Оваа организација подоцна се претвори како држава во држава. Таа пред општествената свест и пред дипломатскиот ареопаг ја изнесе македонската ослободителна кауза, ја создаде и историјата и традицијата на македонскиот народ. Нивна кулминациска точка е Илинден 1903 год. кога народот масовно застана под крвавото знаме на Организацијата со Дамегруевата логика: подобро ужасен крај, отколку ужаси без крај.
Иако Илинденското востание доживеа пораз, победи идејата, волјата и спремноста за борба, за саможртва за слобода.
Треба да се излезе од сопствениот тесен круг и достојно да се заштити делото за кое дадоа се – и животот, толку знајни и незнајни борци.
Прим. д – р Благоја Дамески