ПОСЛЕДНИОТ ЗДИВ НА ГРАДСКА

6 Gradska uste vo spomenite

Сликата не е толку стара и го доловува амбиентот на летната бавча на залезот на живоот на познатата градска кафеана во чии простории сега е казиното Апекс. Иако, кафеаната не беше во стилот на денешните, сепак поради традицијата од неколку децении, поради централната локација, од отворањето при крајот на педесеттите години од минатиот век стана пандан на традицијата на ресторанот од хотелот Јадран. Особено се вивна популарноста со уривањето на хотелското здание во непосредна близина. Прилепските интелектуалци, арабаџии, занаетчии…, а најмногу боеми, градска ги “опиваше со миризбата од кромид, цигари и алкохол”. Таа беше место за забава и тага, локација каде најбрзо доаѓаше добриот и лош абер во сите домени. Како матицата пчелите, ги прибираше сродните души на асталите и столици не поради менито или кафето, туку поради муабетите, мајтапите и анегдотите што се ширеа од уво на уво од маса на маса. Градска беше и место за бистрење политика, за сплетки и интриги, за креирање на култура, социјалистички зделки, но најмногу за спорт и за љубовта на прилепчани, за Победа. Поранешни и актуелни фудбалери анализираа натпревари, најдуваа мани и фалеа квалитети на акции на напаѓачи или одбранбени играчи, менуваа тренери, откриваа извори за финансиски средства не само за спортот. Градска беше срцето и мозокот на Прилеп не поради легендарниот келнер Бајчо или марифетите на неговите колеги, туку поради тоа што таму пулсираше градот. 

Loading