ЗАЛИСАН (СЛИСАН)?

ivce1Случајно ни допадна в раце книгата на м-р Димитар Галев – “Белиот терор во Југоисточна Македонија 1912 – 1941 година”. Книгата содржи интересни историски податоци, но се среќаваат повеќе јазични недоследности.

Еден збор ни го сврте вниманието. Одамна сме го слушале, но во малку поинаква форма и сме го заборавиле. Сега никој не го употребува, или поточно, ние не сме го чуле. Една реченица во книгата гласи: “Сите бевме слисани и изненадени”. Не заинтересира глаголската придавка – СЛИСАНИ. Што би требало да означува тоа? Некогаш сме ја слушале како – ЗАЛИСАН. Ќе се обидеме да објасниме како го чувствуваме ние лично тој збор. Имаме збор – ЗАСРКНУВАЊЕ. Како може човек да се засркне? Кога се случува тоа? Тогаш, кога во дишникот ќе навлезе дел од храната или од пијалакот. Во таков случај се јавува кашлање да се исфрли тоа што навлегло во белите дробови. Човекот не може убаво да зборува, а е нарушен и ритамот на дишењето. Тоа сме го почувствувале сите. Што е тоа ЗАЛИСУВАЊЕ? Сме слушнале од стар човек, во постаро време, дека тој ставил во мангалот лути пиперчиња да се испечат на жарот. Ги подзаборавил, тие прегореле, просторијата се зачадила и човекот вели: “Се залисав и просто не можев да дишам, ниту пак да зборувам”. Сме го доживеале ова, а сме слушале и за други слични настани. И што треба да заклучиме? Засркнувањето настанува ако навлезе во белите дробови храна или пијалак. Залисувањето пак, настанува ако навлезе некој нечист воздух, некој остар мирис, некаква смрдеа и слично. При таквите случаи човекот не може нормално да дише. Му се суши грлото, се јавува зарипнатост и суво кашлање.

Дали сакаше Димитар Галев да го каже токму тоа? Веста била толку непријатна, толку шокантна, што луѓето се изненадиле и биле СЛИСАНИ, останале без воздух и не можеле да дишат. Кога ќе се разбере за некоја многу непријатна вест човек и сега би рекол – “Здивот ми се зеде”. Значи, останал без здив, не можел да дише, бил СЛИСАН или бил ЗАЛИСАН. На ваквиот заклучок нé води некое лично чувство кое нé тера да мислиме дека зборовите СЛИСАН и ЗАЛИСАН имаат исто значење. Не се одбележани во ниеден речник. Можеби случајно. Не можеме да тврдиме дека е точно нашево толкување. Можеби тие зборови имаат само локален карактер. Можеби и ние лично, а и Димитар Галев, сме ги слушале само во некои определени региони.

Како и да е, на зборот ЗАЛИСАН (слисан) може да му се отвори вратата и да влезе во нашиот јазик.

Убаво би било кога би сретнале некое поинакво објаснување и толкување.                                                                                                                               

Loading