ПРЕТСТАВА ПОД ТРАКТОРСКИ ФАРОВИ

ivce1Гостувавме со театарот во селото Тополчани во времето на Југославија. Не ја паметам претставата. Условите за одигрување беа солидни. Сала со преку 350 седишта. Сцената пристојна. Какви – такви, имаше и две гримиорни, да се преоблечеме и да се нашминкаме. Имаше само една мана. Постоеше врата за сцената однадвор. Но, беше закована со штици. Да се појде во гримиорните, мораше да се минува низ салата, па преку сцената. Со публика во салата, не е пристојно. Влегуваме пред да почне да влегува публиката. И немаше излегување додека не заврши претставата.

Во Тополчани постоеше земјоделско стопанство, дел од тогашниот ЗИК – Прилеп. Директорот Димче Велјаноски беше голем љубител на театарот, така барем се декларираше во канцеларија. Среќен што му дошле гости, повторуваше колку го сака театарот. Беше пријатна средбата пред почетокот на претставата. Влеговме пред публиката. Сценските работници веќе го наместиле декорот. Претставата почна. По неколку минути, угасна струјата. Немаше мобилни телефони да прашаме кога ќе дојде струја или дали воопшто ќе дојде. Додека чекавме, Димче претрчал во канцеларија и телефонирал. Му рекле дека струја нема да има. Додека се штуткавме на светлината од неколкуте свеќи, Димче, возбуден, прашува што да правиме. Му велиме дека треба да се одложи претставата за друг ден.

– Никакво одлагање. Луѓе дошле да гледаат театар и мора да ја одиграте претставата – вели Димче.

– Не може во темница.

– Ќе ви кажам како. Вратата зад сцената ќе ја расковаме, ќе го донесам тракторот и ќе ги насочам фаровите на сцената да има светло.

Негодувавме, оти тоа ќе биде неуспешна импровизација, а Димче беше упорен и нé увери дека тоа е најдобрата варијанта.

Со светлата се проектираат огромни сенки по ѕидовите. Предизвикуваа смеа. Со тракторот што брчеше цело време од надвор, се одигра претставата. Публиката задоволна и ние задоволни!

Најсреќен беше Димче.

Благоја Ивчески                              

Loading