ПОТ НА ДРЕСОТ СО АМБЛЕМОТ НА ПОБЕДА

Slavoljub BubanjaФудбал – Славољуб Бубања, нов тренер

– Побрза игра – смета Црногорецот

По пауза од осум ипол години во градов дојде тренер од странство – Црногорецот Славољуб Бубања, нов ,,кормилар” на Победа. Тимот го презеде во најтешкото, по врзани три прволигашки неуспеси, а откако седна на клупата следеа два плодни меча со четири бода.

Патот до Победа?

– Преку познанството со спортскиот директор Александар Крстески, кој играше во Челик Никшиќ. Дојдов на негов повик. Претходно знаев за овој клуб и од Дарко Крстески, кој остави длабока трага во Сутјеска и Никшиќ, градот од каде доаѓам.

Прилеп?

– Познат фудбалски град од некогашната Југославија. Често слушав дека бил ,,жежок терен” во второлигашките пресметки. Тешко кој можел да земе бод под Марковите Кули.

Никола Радовиќ бил успешен тренер на Победа во шеесеттите?

– Сум слушнал се за него. Од Подгорица е. Не сум знаел дека бил во Победа на три наврати и за малку ќе го внесел тимот во Првата лига. Мило ми е што еден Црногорец бил толку добар. Се надевам дека барем ќе му се приближам со впечатокот.

Досегашните впечатоци?

– Првите натпревари беа ,,шок-терапија”. Еден меч гледав, во Кратово каде беше поразот 1-0 од Силекс, а на двата наредни екипата ја водев, дома со 4-2 против Скопје, на гости 0-0 кај Ренова во Тетово. Всушност, соработниците беа главни, бидејќи врз основа на нивната анализа и гледање на ривалите, ја правевме екипата.

Квалитетите и маните?

– Екипата е спој на искуството со младоста. Има квалитети, карактер, но и слабости што мора да се поправат. Кога противникот ќе ја освои топката, мораме побргу да реагираме, да се обидеме да ја одземеме. Мора да направиме побрза екипа, со побрза игра.

Дали сте благ или строг тренер?

– Не сум благ, ниту строг, но барам ред, максимум и тренинг без прескокнување. Така до секој натпревар. Играчите мора многу да го почитуваат клупскиот амблем и да го натопат дресот со пот.

Следниот меч е во Битола?

– Немаме доволно информации за вистинскиот Пелистер, туку за непотполниот, без пет- – шест играчи. Добро е да имаме слика и за овој тим и за другиот, ако тие се приклучат.

Уште четири бода

Под водство на Бубања освоени се четири бода и окончан првиот круг од првенството. Претстои пауза, која ќе се пополни со тест-меч в сабота на Могила против Младинската екипа. Следниот првенствен меч е на 15 октомври кај Пелистер во Битола

Табела: Шкендија 25, Вардар 16, Академија Пандев 14, Силекс 13, Шкупи 12, Пелистер и Победа 9, Работнички и Ренова 7, Скопје 4.

Loading