ДЕСПИНА ПРОТИВ ПЕЛИСТЕР

Ракомет

Претстои третиот обид на женскиот тим на Деспина да се покаже во добро издание во Женската лига. По поразите од Овче Поле и Куманово, в недела (17 ч.) во салата „Ричко“ противник ќе биде соседниот ривал, битолски Пелистер. Според резултатите од мината сезона, тие се во полза на прилепчанките, кога настапуваа под името ,,Прилеп”. Сега се сменети составите. Деспина има млади ракометарки со три засилувања од страна (Крстевска од Битола, Далевска од Велес и Димова од Свети Николе), а Пелистер има земено осум нови, претежно од скопските клубови. Затаа битолчанките се фаворитки, а на прилепчанките, предводени од тренерот Страшо Илиески, останува да се борат за изненадување или барем да дадат достоен отпор. 

Машкиот тим на Прилеп убедливо загуби (29-22) од Борец во Велес, во 3. коло од Супер лигата. Во првото полувреме домаќинот се оддели со водство од недостижни девет гола. Не помогна балансот во вториот дел за ублажување на поразот. Во тимот на тренерот Ице Соколески најрасположени стрелци беа Тренчевски со 7 и Бозароски со 5 гола.

Викендов е слободен за Прилеп, а наредната сабота е тежок меч дома со Пелистер.

Loading