ИСЧЕЗНАТ ЈАДРАН, А НЕ БЛЕДНЕЕ

6 Biserite na Prilep

Хотелот Јадран, на семејството Чесноски, урнат пред неколку децении и исчистен од централниот плочник уште вирее како култно место на прилепчани од предвоениот и повоениот период. Причината за тагата на Јадран не е само корпулентната архитектонска градба за своето време, туку и на фактот што хотелот со неговиот ресторан и кафеана на приземјето бил печат на градот што бил ставен дури и на разгледници со пораката, “Поздрав од Прилеп”. Тој бил јадрото на прилепските чорбаџии и интелектуалци, мајстори и еснафи, на уметници и боеми, на домаќини и комарџии, на спортисти и политичари. Најмногу на мајтапчии. Јадран бил стерната на прилепскиот дух. Бил објект со прилепски ген за инает, простум и непокор. Тука никнувале, растеле, се развивале и заминувале сите прилепски препознатливи лица. Навраќале на кафе отселените во земјава и во туѓина за спомен на младоста. Крај него минувала и погребната поворка на граѓаните на последниот пат. Јадран, покрај Маркукуле и градскиот саат, е симболот на Прилеп, кој под налетот на едноумието “летна” од плочникот, но не и од меморијата, затоа што таму никогаш не застанува прав. 

Loading