ШТАВИЧАНЕЦ ПОТОНАЛ СО ТИТАНИК

– Првото и последно патување на Аце Малинкоски за Америка завршило во „сините гробишта

Titanik-galija-za-koju-se-verovalo-da-ne-mozze-potonuti

Преку филмот, е позната трагичната судбина за „непотонливиот“ Титаник. На гордоста на британската флота немало само љубов и романса. Сите патници не биле од узур, туку во Америка барале спас од немаштијата. На пловниот џин имало и Македонци. Ги напуштиле домашните огништа со стапчето и бовчето на рамо. Реки солзи се ронеле зад нив на разделбата со децата и фамилијата. Пред патот за туѓина, душата се корнела. Во печалбата се оставала снагата, а не ретко и животот, пред ксметот да ги врати дома со пари, за нива, куќа или добиток.

По леб со брод

Еден од нив бил и Аце Малинкоски од селото Штавица. Не стасал да ја види статуата на слободата во Њујорк, оти заминал на дното на океанот заедно со бродот Титаник на 15 април пред едно столетие.

Според кажувањата на роднините, пред 100 години овчарот Малинкоски, како и многумина, сонувал за “ветената земја”. Дал една турска лира кај екимот во Прилеп за лекарскиот преглед. Добил ќитап дека е здраво момче, азган за аргатлук во Америка. Го фрил гунчето и опинците и облекол ала-франк костум. Се качил на пајтонот и кинисал за Неготино. Оттаму го фатил возот за Солун. Со брод стасал до Англија да се качи на пловило за Америка. За несреќа, стигнал на време да го “фати проколнатиот” брод. Во битката за подобар живот, во бегството од бедата, фантазирало младото момче од 22 години дека ќе печали пари и со сопствен пајтон и коњ ќе се врати како чорбачија дома. Ќе му се вртат момите по амерканскиот костим, залижената коса со паларија, ќе го меркаат и посакуваат чупите не само селски. Ќе стокми куќа – палата и ќе се вдоми со жена да народи деца.

Ама, летот по облаците и јавето не се стокмуваат. Судбината имала други планови за Ацета, кој дома ги оставил родителите Стојко и Спасија. 

 – Неговиот брат Илија (1901-1961) во село Марул, честопати ја повторувал трагедијата на брат му Аце на Титаник. Болка го стегала во градите што не стасал со сојот заедно да играат и да се веселат на свадби и крштевки и да гледаат како им растат внучињата. Пиштел со полни очи солзи кога ќе се спомнел Аце. Велел дека на бродот за Англија му било првото патување по море. Пред качување пишал писмо кое дошло дома. Аце раскажувал за авантурите на бродот до Англија и невидените чудесии на пристаништето Саутхемптон во Англија – раскажува Томе Велјаноски, марулчанецот кој живее во Шведска.

Коцка мраз кај рибите

Многу народ се  воодушевувал на Титаник, на најголемиот брод на светот пред првото патување. Додека се славела првата пловидба со пијанки и гозби, кутриот штавичанец се облизнувал од страна. Мечтаел и тој, како големците, да се забавува кога ќе се врати дома. Кроел планови во главата да ја чува секоја спечалена пара како зеница во окото.

Откако Титаник се натоварил со стока и патниците, со оркестри, со помпа бил испратен за Америка. Никому не му идело на ум дека патот на колосот ќе заврши на дното на Океанот. На ,,сите труби,, се велело дека Титаник е непотонлив, а Англичаните биле најдобри бродоградители. Тоа му удрило в глава на капетанот кој сакал да го руши рекордот за најбрзо патување преку Атлантикот. На половина пат одговорното лице за безбедност од набљудувачницата го забележал движењето на сантата мраз и го предупедил капетанот дека сантата е поголема од Саутхемптон. Му рекол на капетанот да го запре бродот за да помини движењето на сантата. Капетанот како да бил “под гас” од веселбата и со циничен потсмев изустил самоуверено, без страв дека Титаник е најголемиот и најмодерниот брод што ќе ја удри сантата мраз и ќе ја врати во Артикот од каде се одделила. Се смеел гласно, “перчејќи се” пред угледните патници, потценуваќи ја природата. Додека се расправале, сударот бил неизбежен и стравотен. Бродот пукнал на два дела, светлата се изгаснале. Паника настанала  меѓу патниците. Борба за живот. Успеале да се спасат неколку стотина, а оние што пливале замрзнале и се удавиле. И штавичанецот Аце се сторил мраз, оти не знаел да плива во студената солена вода, распослана со мртви тела.

– Потомците на семејството Малинкоски и денес жалаат за својот млад предок кому му згаснал животот на патот за “Елдорадо”. Тагуваат што не можат свеќа да му запалат на селските гробишта во Штавица. Срцето им се крши што не го знаат последното почивалиште на својот роднина, кому коските му останале да ги парчат океанските риби – вели Велјаноски. 

Живко Стеваноски, посинок на Илија и внук на Аце, при честите средби, уште живее со трагедијата на роднината на Титаник, кој појде за подобар живот во “ветената земја”, а загинал во “синиот гроб”.

Леонардо ди Каприо, Аце нема да го глуми, ама редно е да се знае дека наши луѓе исчезнале во “проклетството” Титаник.

Преживеан Македонец

Македонските патници кои настрадале во Титаник се и браќата Миле и Јанко Смилевски од селото Тресонче, а преживеал Стојко Додулоски од селото Чучер  скопско. Додулоски скокнал во океанот и успел да се качи на еден од чамците за спасување. Стојко се вратил од Америка во 1948 година и работел во скопска фирма. Умрел на 80 годишна возраст. 

Loading