Вечерва изложба
Тематската изложба од уметникот Џелил Руфати насловена „Национална митологија“ ќе биде отворена вечерва од 20 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“. Изложбата е дел од програмата за годинава, поддржана од Министерството за култура.
Руфати првпат ќе се претстави во Прилеп со творби со интересни уметнички знаци.
– Во уметничкото патешествие остава траги. Тој кали карактери и форми кои резултираат со разни нивоа на претворања од имиџ на уметник во уметнички знаци – фигури, структури, ритми, соодноси на детали и форми. Со длета и чекан создава уметничка идеја за фигурата и историско културно табло на стражарот, војникот или на херојот, каде се отелотворува херојскиот гест со хуманистичката намера за проширување на круговите на човековата слобода. Во делата се препознава и метафората како невидлива форма, или идеја, со која успешно ги поврзува елементите на уметничкото изразување, чувствата и гледиштата – вели Кадри Метај, филозоф – естетичар.
Руфати е дипломец на вајарскиот отсек на Ликовната академија на универзитетот во Приштина, каде и магистрирал. Бил професор во гостиварската гимназија, а сега е професор по вајарство на Тетовскиот универзитет. Имал самостојни изложби во земјава и странство и бил учесник на повеќе колонии и семинари. Добитник е на повеќе награди.