ЧЕНГИЈАТА ПО ГАЗ – ЖЕНАТА НА ОБРАЗ

– Кај си бе домазет.

– Јас домазет? Тогаш, шо си ти. Од портана трипати неделно те пуштаат да излезиш, и тоа со излезница.

– Ако е така, че личам на тебе.

– Шо ми фали, сурат еден, барем не сум ко тебе извиткан.

– Ај да не тресиме глупости. Двајцата сме исти. Колку да сакаме мажи да се прајме, нé не бидува. Ко ни е страв од жените, никој не ни е крив.

– На кого страв? Мене? От шо многу ја почитувам мојата, зато поретко се гледаме.

– Кажувај му на друг. И ти си ги пуштил уздите тро појче, та зато сега тро појче ја “поштуваш”. Не беше крива тетка Ленка ко ни солеше памет дека со жените треба рауно да се вати работата салам, оти после е доцна. На мачката врато уште првио ден í се витка, после мачоро ни во фебруари не можи да се омрси.

– Ти кажуваш за тетка Ленка, Јавашица. Исправна жена. Да беше кабил и да нé натепа. Викаше, “ебави мажите, на малото прсте не можите да му се ватите на вашите татковци”. И така е.

– Дојде на мојо? Знајш ко ни ја кажуваше за случката во кафаната кај Луковци. За времето уште пред рато со Германците. Кај Лука трешти музика, а чичко Василе и чичко Ицко седат на астал. Пред нив се крши некоја ченгија. Другите лочат и врескаат. Не можела тетка Ленка да издржи и í рекла на Ицкојца. “Ај мори Ботке да í влезиме на ченгијана и да í ја искубиме косата”. А Ботка кротка, “Немој сестро, златна, че си клајме уште поголема бела на глата”. Тетка Ленка не издржала и бап, внатре. Ко ја видел чичко Василе, ја ватил за рака и ја седнал на левото колено, а на десното ја седнал ченгијата. Ленка изладила. “Седи мори Ленке, да ти е ебам мајката, поуживај и ти малце. Вие, чалгаџии, рснете посилно да слушнат и варошани”. Пуста ракија помешана со чалгии, тапани и ченгија – урнебес. Од време на време че стрештел ИХУУУУ, че ја штипнел тетка Ленка за образ, а ченгијата, пејачката де, че ја штракнел силно по газ. Тетка Ленка седела, се тешела и си велеле, “А бе маж е, му личи. Та не че му го изаби. Утре па че биди мој. И да не е така, шо можам да прам. Вечер па че му ги измијам нозете, па че му ги турнам пантолоните, па че му клам ладна крпа на чело, да не ми завива цела вечер”.

– Ретки се жени како Тетка Ленка!

– Море ретки се мажи како чичко Василе!

Loading