ПОБЕДА ИМА ПОДОБАР ПОЧЕТОК ОД ЛАНИ

Фудбал: Први есенски бодови за самодоверба

– Совладан Шкупи преку Карчески и Гешоски

Moment od mecot Pobeda - Skupi

Прилепската најпребирлива публика ретко сосема е задоволна од играта или резултатите на Победа. Затоа е многу важно што е постигнат првиот триумф сезонава со 2-1 над Шкупи. Тесно, тешко, а поинаку не можеше да биде со цврст противникот и со нетрпеливи гледачи. По првото полувреме без голови,  коментираа дека до крајот тешко да падне гол.

Гостите се бранеа и беа опасни на контри. Домаќините во одбраната беа на ниво, особено голманот Талески, кој неслучајно ја носи капитенската лента. Со одбраните, им даде шанса на соиграчите да ја продолжат агресијата кон гостинскиот гол. Нововлезениот Карчески во 61 минута мајсторски си создаде простор и неодбранливо биеше во долниот лев агол. Екипата од Чаир израмни по две минути. Но, Победа не запре и до крајот се бореше за трите бода. Напорите се покажаа незалудни. Гешоски нетипично за себе, со глава ја затресе мрежата за триумф.

Сегашниот почетокот е подобар од лани. Тогаш првите бодови беа освоени во петтото коло, а сега во третото. Тогаш во Битола, сега на Могила. Ист е само противникот (Шкупи) и резултатот (2-1). Победа ја врати самодовербата и може оптимистички да гледа на претстојните натпревари: на гости со Шкендија, дома со Академија Пандев. Првиот, со Шкендија е по паузата, на 10 септември.

Табела: Шкендија 9, Пелистер 7, Силекс 6, Академија Пандев 4, Вардар (-1) 3, Победа 3, Работнички (-1) 2, Ренова 2, Скопје 1, Шкупи 1.

Пријателски со Беласица

Поради настапите на репрезентацијата на Македонија со Израел и Албанија, следи двонеделна пауза. Победа има дводневен одмор. Тренинзите со тренерот Штерјовски продолжуваат вторник. За в  сабота договорен е пријателски меч за подготовка со второлигашот Беласица на Могила. Во екипата најнови се странците, стоперот Хумбатов и десниот бек Качар. Повредата ја залечи и се очекува приклучок на Ацески.

Loading