РЕИЗБОР

ivce1Ќе почнеме со изјавата на еден висок политичар: „Ќе извршиме реизбор на сите судии во државава“. Не се разбираме во овие работи. Ја користиме реченицава само како повод за денешниов напис. Не навлегуваме во политиката. Но, се прашуваме, ќе се најде ли некој, некогаш да рече: “Ќе извршиме реизбор на сите лектори од нашиве медиуми”! Ќ е се најде ли некој таков? За сите проблеми се бараат решенија, некогаш се најдуваат, некогаш не. Некои мислат вака, некои така. Само за јазикот никој ништо не мисли. Дали треба вака или така? За повеќето проблеми се бараат различни мислења. Со јазикот не е така. Тука нема – јас мислам вака ти така. Тука има правила, има норми, е, ама, некој (секој) треба да ги почитува и да ги практикува. Медиумите особено. Хаос! Ќе приведеме мал дел од една телевизиска програма: “Еве, се враќаме во студиото. Како што најавивме, ќе разговараме со господинот Борис Михајлоски. Темата е медијаторството. Господине министре, што тоа значи”? Навидум, се си е во ред. А не е. Во приведениов текст има пет реченици, а шест грешки. Ајде со ред. Коментаторот се наоѓа во студиото, а вели се враќаме во СТУДИОТО. Треба – во СТУДИОВО. Понатаму! Вели дека ќе разговарале со ГОСПОДИНОТ Борис Михајлоски. Таа титуларна именка ГОСПОДИН. Кога оди со име или со презиме никогаш не се членува. Треба да гласи ГОСПОДИН Борис Михајлоски, а не ГОСПОДИНОТ. Ако се рече ГОСПОДИНОТ тоа е омаловажувачко и навредливо. Да го кажеме и тоа дека името Борис Михајлоски е случајно одбрано. Не сакаме да го споменуваме името на ГОСПОДИНОТ гостин во СТУДИОТО. Како што се гледа, овде именката ГОСПОДИНОТ е членувана, зашто оди без име или презиме. И велиме, во СТУДИОТО, зашто ние не сме таму. Рековме, омаловажувачки звучи ако речеме ГОСПОДИНОТ Борис Михајлоски. Именката ГОСПОДИН во таквиот случај не треба да биде членувана. Ќе го поткрепиме ова со еден банален пример. Млад човек, се оженил. Кога зборува за таткото од невестата, се срами да рече: “Ќе дојдеме со дедо ми”, туку тој вели: “Ќе дојдеме со дедото”. Ќе се навреди дедо му ако го чуе ова. Но, кај нас, за жал, за голема жал, ниту говорителот знае дека го навредува соговорникот кога ќе рече ГОСПОДИНОТ Б. Михајлоски, ниту пак Михајлоски знае дека тоа е навредливо. Говорителот (водителот) продолжува: “Господине Михајлоски, што тоа значи? “Именката ГОСПОДИНЕ така, во вокативна форма, може да се употреби на пример, ако сретнеме некој човек, не го познаваме, па ќе му речеме: “Господине, ве молам, колку е часот”. А кога оди со име или презиме, како во случајов, треба – “ГОСПОДИН Михајлоски, што тоа значи”? Сега пак друга грешка. Прашалната реченица треба да гласи – “Што значи тоа”?, а не “Што тоа значи”?. По прашалниот збор треба да дојде глаголот.

Ете! Рековме, пет реченици – шест грешки. Овде не треба реизбор само на лекторите, туку и на сите презентери, коментатори и така натаму. Реизбор за чист јазик. Но, кој ќе го направи тоа?!

Loading