БОЖЈИОТ РАЈ НА МАНАСТИРОТ УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ТРЕСКАВЕЦ

Manastir so iscelitelna mok eTreskavec

Во пазувите на врвот Златовор, манастирот Трескавец со црквата на Успение на Пресвета Богородица веќе девет столетија сведочат за богатото културно и духовно наследство. Прилепчани и други намерници секоја години на празникот Богородица на 28 август масовно се поклонуваат на мајката Христова. И годинава, покрај изгорените конаци се очекуваат стотици верници да заминат на духовна сласт во слава на Богородица. Трескавец е значаен национален монумет. Затоа се најде на списокот за заштита меѓу стотте најзагрозени култорноисториски споменици во светот.

Просторот е како седело, природно заштитено од сите страни. Со приказната дека Бог го чува манастирот од невреме и трескавици, местото го викаат Трескавец. Се пренесува преданието дека монасите од дамнина поставиле златно јаболко на највисоката точка од 1300 метри над комлексот да го чува манастирот од чести грмотевици. Затоа се вика  Златоврв.

Со поглед на Пелагонија како на дланка, комплексот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, католиконот, трпезарија, влезна порта со кула-камбанарија и конаците. Архитектонскиот дизајн е својствен за 12 и 13 век со исклучителни иконографски вредности и фрескоживописи. Првиот христијански храм датира од 6. век, а во 14 век манастирот бил на удар на разурнувачи. За неполн век била вратена автентичноста со нови религиски орнаменти, специфични за тој период. Духовното светилиште било погодено и од огнена стихија во 19 век. Граѓаните собрале 10 илјади гроша и наместо за женското црковно училиште, ги пренамениле за обнова на манастирот. Пламен го однесе комлексот и во 1990  и во 2013 година.

Манастирската трепезарија од 14 век со седишта од камен и долга камена трпеза со посебно вдлабнати места за нозете е своевидно мајсторство и чудо на вајарството. Тоа било симбол на посветеноста кон Мајката Христова. Фреските од 17 и 19 век се насликани на ѕидовите во трпезаријата, а под нив се препознава уште постар фрескоживопис. Копаничари од познатата Слепчанската резбарска школа ја вајале портата во плитка дрвена резба.

Теолози објаснуваат дека фрескописецот е необичен. На една од куполите е насликана претстава за Божјиот Син како небески цар во трон со евангелие. Во композицијата е Царицата Богородица и царот Давид. Околу нив света војска пополнета со херувими, серафими арахангели и ангели. Осум свети војници се меѓу пенџерчињата, поинакви од обичните композиции каде секогаш се најдувале Свети Ѓорѓи и Свети Димитриј, претставени како јунаци.

Манастирот не бил само монашко седиште, туку книжевно средиште. Калуѓерите имале препишувачка дејност.

Јордан Хаџиконстатинов Џинот запишал легенда според која  султанијата Кала-мара, која била една од жените на турскиот султан Мурата Втори, застанала да се причисти во манастирот на пат кон Мариово. Владиката не дозволил причест, оти живеела во брак со некрстениот султан. Кала-Мара се налутила и им наредила на 500 војници да го урнат манастирот и да ги заколат сите монаси. Според некои сознанија биле 300, а други извори велат дека 700 монаси завршиле од ножевите на збеснетиот аскер. Само Владиката бил оставен жив.

Некои историчари толкуваат дека султанијата од преданието била ќерка на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ од бракот со неговата втора жена Ирена Кантакузина.

Трескавец е богат со докази за цивилизациско присуство од памтивек. Аргументи се два натписа на мермерни постаменти на Аполон и Артемида кои потекнуваат од вториот век, во Римската епоха. Тие се сведоштва дека живееле луѓе во населбата Колобаиса. Недалеку е и просторот Бунар и Гумење и индикации на голема некропола со корени од предхристово време.

Молитва за Богородица

Отец Калис ја пренесува молитвата на илјадници монаси испосници, исихасти кои низ вековите се подвизувале во манастирот и околните пештери преку бојата на благодетта која Нашиот Спасител ја излева во изобилие на нестварна питомина среде суровоста на монолитните карпи.

“Откраднат од минатото да сведочи за вечноста, Трескавец опстојувал во слава на Онаа која достојно блажена ваистина ја нарекуваме. Онаа која е почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите. Онаа која е Преславна Приснодева и Мајка на Нашиот Бог, нашата поборница и војвотка Пресвета Богородица,,, се вели во написот кој го пренесува монахот Калист.

Loading