СОЈУЗНА, А НЕ РЕПУБЛИЧКА РЕВИЈА

ivce1„Нова Македонија“ и во неа подлисток – „Пензионерски видици“ . Убаво. На првата страница наслов – „Седма републичка ревија на песни, музика и игра“. Се обратил и ги поздравил присутните претседателот Драги Аргировски. Ја цитираме неговата прва реченица: “Имам чест да ве поздравам во името на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија”. Значи, во Македонија постојат повеќе Здруженија на пензионерите. Сите тие, заедно претставуваат – ” Сојуз на здруженијата на пензионерите”. Пред тоа, локалните здруженија организирале РЕГИОНАЛНИ ревии. Каква ли ќе биде сега, оваа ревија? Е, па, нели ЗДРУЖЕНИЈАТА формираат СОЈУЗ, тогаш и ревијата треба да биде СОЈУЗНА, а не РЕПУБЛИЧКА. (Евентуално, може да биде и државна). Сета почит спрема квалитетот на Ревијата, почит спрема организаторите и раководните структури. Но покуда, голема покуда што уште не осознавме какво значење има именката РЕПУБЛИКА. Македонија е независна и суверена држава, а зборот РЕПУБЛИКА го означува само нејзиното општествено уредување. Во нашево опкружување сите држави имаат такво уредување. Сите се РЕПУБЛИКИ. Друг беше случајот со Југославија. Таа беше федерација а одделните федерални единици ги викавме РЕПУБЛИКИ. Имаше настани на ДРЖАВНО ниво и на РЕПУБЛИЧКО. Сега не е така. Сме се изјаснувале за ова и порано, но чудно е, мошне чудно, зошто голем број луѓе уште не го сфатиле тоа. У ште често слушаме Претседател на РЕПУБЛИКАТА или некаков РЕПУБЛИЧКИ завод. Постојат и повеќе институции кои уште го носат предзнакот РЕПУБЛИЧКИ. Сето тоа е погрешно и треба да се преправи. Претседателот е Претседател на ДРЖАВАТА или на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, а никако не на РЕПУБЛИКАТА. Слушаме, ќе бидело врнежливо во РЕПУБЛИКАВА. Не може тоа! Врнежливо ќе биде во ДРЖАВАВА, во ЗЕМЈАВА, во РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Редно е, и нашите прекалени борци за идентитетот, пензионерите, да го сфќатат ова. Редно е ОГРАНОЦИТЕ да ги викаат РАЗГРАНОЦИ. И редно е секогаш да пишуваат Здруженија на ПЕНЗИОНЕРИТЕ, а не Здружение на ПЕНЗИОНЕРИ. Можеби ревиите се квалитетни. Таму тапанот еднакво чука на сите јазици, но говорителите треба да зборуваат на македонски јазик, чист и правилен.

Една друга тема. На ТВ некаква реклама. Правена е во форма на драматизација, дијалог. Тема на дијалогот се разно-разни болести и лекови. Свикнати сме во рекламите да слушаме многу грешки. Лекторите велат дека тука не се мешале. Како што ќе го добиеле текстот од нарачателот така го емитувале. Затоа, слушаме сé и сешто. Во односнава реклама, за која пишуваме, чувме нешто што досега не сме го чуле. Зборувајќи за болестите за температурата (се мисли на телесната температура ) еден од учесниците вели: “Тој има паклена температура”. Македонската именка гласи ПЕКОЛ, според тоа, придавката ќе биде ПЕКОЛНА, а не ПАКЛЕНА. Во српскиот јазик, именката е ПАКАО и во тој случај, температурата (во српскиот јазик) може да биде ПАКЛЕНА.

Ете, го чувме и тоа – ПАКЛЕНА ТЕМПЕРАТУРА.

Loading