ПРВОТО ДЕРБИ БЕШЕ ПРЕД 25 ГОДИНИ

Историја

istorija

На 23 август 1992 година, точно пред четврт век, на стадионот „Гоце Делчев“ се одигра првото фудбалско дерби во самостојна Македонија, Победа – Вардар. Ако ждрепката за распоредот била диригирана, секоја чест за тој што го предложил тоа. Никој не се противел, туку сите го поддржале. Има ли попривлечно од мечот каде најпрофесионалниот тим во тоа време, дотогашниот југословенски прволигаш, Вардар, да гостува во најфудбалскиот град, Прилеп? Нема. Се собраа околу 10 илјади гледачи. Тоа е огромна бројка, оти последните години на трибините доаѓаа само по пет-шестотини луѓе.

Поддршката од навивачите беше фактор кој ги охрабри домашните фудбалери на Победа тие да се надминат себе си и да извадат сензационален резултат од 1-1. Водечкиот гол го даде Тони Наумоски, а израмни Сашо Тодоровски. Во екипата на Вардар имаше ѕвезди како С. Ќириќ, С. Најдоски, М. Спасески, В. Костов, Б. Бабунски, С. Урошевиќ, С. Милошевски, предводени од тренерот Хаџиевски, но Победа не се предаде со тренерот Георгиев и составот: З. Мицевски – Ѓ. Илијовски, Б. Филипоски, М. Тодороски, Милевски, Иванов, Јошески (Б. Милошески), Г. Маркоски, Т. Наумоски, М. Стојкоски, Д. Крстески (Митрев).

Loading