Фудбал
Големи беа очекувањата од Победа во новото прволигашко првенство. Затоа е и разочарувањето кај навивачите по почетниот пораз на својот терен на Могила со 1-2 од соседскиот ривал Пелистер. Не само резултатот, туку и играта загрижува. Единствено финишот од првото и првиот дел од второто полувреме се за преодна оценка. Прилепскиот тим израмни и се бореше за втор, победоносен гол. Но, застана и му дозволи на противникот да ја преземе иницијативата и да постигне гол вреден три бода.
Пелистер е еден од посилните тимови во Лигата и не е чудо да победи во Прилеп. Сепак не е Реал да доминира во поголемиот дел од мечот и да има поголем посед на топката. Се верува дека ова не е лицето на Победа. На премиерниот меч во првата постава имаше само еден нов – стрелецот на голот од пенал Маневски, од клупата влезе Асани, но и со старите сили мора подобро, бидејќи една сезона искуство е зад нас. На подготовките одлично се работеше, може да се очекува резултатите допрво да дојдат. Но, треба трпение. Во тешките моменти нужна е поддршка за играчите и тренерот.
Претстојат натпревари кои се сметаат за тешки. Всушност лесни дуели нема. Секој ривал има квалитет. Победа лани кога беше најтешко се покажа. Во средата беше куп-гостувањето во Радовиш на Плачковица (0-4), а в недела е првенственото гостување на Вардар во Скопје. Шампионот не е без слабости (тренерот Седлоски даде оставка, спонзорот Самсоненко најави повлекување), така што има изгледи за позитивен резултат.
Штом ќе се обезбедат сертификатите, на располагање ќе бидат засилувањата – Азербејџанецот Хумбатов и Србинот Качар.