Фудбал: Пелагониско дерби на Могила
Победа бара прв прволигашки триумф против битолчаните
Сета убавина во фудбалот некогаш се крие само во еден удар. Токму тоа се случи на последниот пријателски натпревар на Победа против Кит – Го од Делчево (2-1), каде вториот, победоносен гол беше ремек-дело на левиот бек Илијовски. Од 25 метри далечина начека одбиена топка и силно ја упати во левиот голмански агол. Гостинскиот чувар на мрежата ниту трепна, ниту се помести од местото, можеби не ја ни виде топката. И камерата не го регистрира комплетно овој потег. Дури и некои гледачи не беа сигурни дали топлката се одби од мрежата или од дирекот.
Нека се замисли екипата на Пелистер што ја чека за неделното (во 17 часот) пелагониско дерби на стадионот ,,Могила”. Домашниот состав ја истемпира формата да достигне врв во првенството низ девет пријателски меча, на кои доживеа само два пораза, еднаш ремизира, а шестпати победи. Поддржан од повеќеилјадната публика ќе атакува кон првиот прволигашки триумф над битолската екипа, претставничка на државава во квалификациите од Лигата на Европа. Претходната сезона Пелистер трипати победи со 2-0, 2-0 и 1-0, а еднаш беше нерешено 2-2. Вистинско време е за ,,црвено-бело” славење.
Победа на своја страна ги има шестемина битолчани, кои како професионалци ќе запнат и ќе дадат стоотсто од силата за успех. Во одбраната е Ристевски, по левата страна Илијовски, во средината Мустафов, во нападот Неданоски и новодојдениот Маневски. Нивниот сограѓанин, тренерот Штерјовски, низ подготовките им даде шанса на сите првотимци и треба да се чека последниот момент да се види кои 11-мина ќе му се спротивстават на Пелистер.
Останати двојки од 1 коло: Шкупи – Академија Пандев, Шкендија – Вардар, Работнички – Ренова, Силекс – Скопје.
Веројатни состави
Победа: Талески – Станиќ, Илиески, Ристевски, Илијовски – Ј. Наумоски, Карчески, Најдовски – Неданоски, Маневски, Цветаноски. Тренер: З. Штерјовски.
Пелистер: – Јовановски – Тошевски, Ковачев, Бојовиќ – Б. Љамчевски, Пеев, П. Љамчевски, Илиев – Фереира, Жеделсон, Трифуновски. Тренер: С. Захариевски.
За Купот во Радовиш
Победа има амбиции да стигне што подалеку во Купот, натпреварување што дава можност за излез во Европа. Според ждрепката за 1/16 финалето на 16 август, прилепскиот тим ќе му гостува на второлигашот Плачковица во Радовиш. Нема сомнеж дека ќе биде помината првата пречка за влез во 1/8 финалето.