УРАНИУМ НА СЕЛЕЧКА?

Edna od poluzatvorenite jami na Selecka

Гајгермилеровиот бројач за мерење на радијација збеснува на ридот Висока на планината Селечка кај селата Прилепец и Кокре во Мариово. Вака тврдат стручнаци за географија и геологија, а експертите велат дека радиоактивните минерали, ураниум и ториум, ги има во гранитниот венец до Кожуф со доминација на Селечка планина.

Пред педесетина годинаа кај селото Кокре биле отворени неколку јами во потрага по радиоактивни елементи во конспиративна астмосфера. Докторот по географија Илија Башески има лоцирано радиоактивни минерали на ридот Високо, на јужниот дел на Селечка и кај селото Прилепец, макар што овие планини се силикатни, а не со вулкански карпи, својствени на радиоактивните елементи. Таму има знаци на распаѓање на радијација преку гасот радон кој го активира инструментот.

-Кај Прилепец ја проверивме радијацијата со прилепчанецот Тројачнец пред години. Стрелката на гајгермилеровиот бројач не застануваше. Но, колкави се количествата се испитува со дупчење под 50 метри и истражување во лабораторија на извадени примероци. Потребна е модерна опрема и големи вложувања пред да се експлоатира. Тие показатели се носечки за инвестиционите  проекти во рудниците – вели доктор Башески. 

И геолозите сметаат дека на богатата со гранит Селечка нужно е да биде следена со радиоактивни елементи како што се ураниумот и со него ториумот, после со помало учество плутониумот, радиумот и цезиумот. 

Прилепчани од Мариово уште се живи сведоци на четири-пет годишното интензивното трагање по радиоактивни материи со висок степен на дискреција, дури со ниво државна тајна во педесетите години. Мистеријата за рудниците за радиоактивни елементи ја откриваат старите мариовци од селата Кокре, Кален и Пештани. Се трагало по нешто многу значајно, што тогаш било превиено со превезот на строга тајна. Дури дошле експерти од Москва. Се сеќаваат дека се барал ураниум и радиум што жителите го викале, ,,Савезна истрага,,.

th-Цели мариовски села работе во јамите. Работниците првин ги  проверуваа и им препорачуваа доверливост во пустелијата – велат живите сведоци. 

За потрагата по радиоактивното богатство сведочат дваесетина сега запретани јами, длабоки повеќе стотина метри и инфраструктурата градена од 300 работници.

-Во камењарот се направи и пат долг шест-седум километри, дури и мовчиња. Се посла калдарма, камионите и машинеријата да можат лесно да се качуваат до сртот. Од реката качија вода на 200 метри височина. Обезбедуваа струја со агрегати. Се крена населба со десетина бараки и придружни објекти за стручнаците од Белград и Загреб и работниците. Изградија и фурна и бањи, тоалети за одржување хигиена. Сите млади жители на Кокре работеа по упатства и будните очи на инженери и удбашко обезбедување – вели поранешен жител на Кокре.

Расположливата машинерија багери, воздушни чекани, колички и обичен алат за копање не запирале во неколку смени и дење и ноќе. Се минирало контролирано.

-Јамите и тунелите долги по 200 метри беа осветлени и обезбедени од хаварии. Извадените камења ги пренесуваа со камиони, а стручнаците одбирале парчиња за испитување во Белград – се сеќаваат старите кокрани.

Не се знае дали е откриено значајно наоѓалиште на ураниум и радиум, ниту се знаат причините за затворањето на рудникот со повеќе окна. Само документацијата во институтот Винча знае дали е најдено нешто, дали тоа биле мали и економски неисплатливи количества, дали недостасувала технологија или стручно знаење, оти стручнаците биле млади и неискусни. Но, штом државата вложувала милиони, сигурно не играла коцка, туку имала нешто опипливо в раце за тоа време, без разлика на тоа што го напуштила проектот по пет-шест години

Времето уште не може да ги избриши трагите. Покрај јамите, останати се и бетонските постаменти на бараките, металните врати на запечатените јами во беспаќето.

Нема болни

Старите жители не паметат дека кај работниците се јавиле некои помасовни тешки заболувања или пораст на смртноста што би наведувале дека при истрагите биле озрачени од радиоактивни минерали. Се работело под контрола на УДБА и доверливоста и молкот биле загарантирани.

Паника во градот

Прилепчани во седумдесетите години ги фатила паника, откако се појавиле помасовни канцерогени заболувања кои завршувале трагично.

-Се плашевеме од рак. Починаа десетици млади луѓе, такаречи наеднаш. Сите мислеа дека причина за растот на канцерот е радијацијата од окната од Селечка. Никој тоа не го потврди официјално, иако коски ни се тресеа од страв – вели 85 годишниот пензионер Мирко Петрески.

Гранитот е дозволено радиоактивен

Стручнаците велат дека во сите гранитни плочи не само од експлоатационите рудници од Мариово има одредено ниво радиоактивност. Но, тие се во рамките на дозволената граница. 

Loading