ПРЕКАРОТ Е НИШАН

Раскошниот дух на чаршијата и маалата се користел за ставање на прекари за арно, ама и од инает некому да му се наруши угледот

Прилеп е ризница на народни мудрости или кажано по нашки курназлаци. Многу собирачи на народно творешетво наполниле полни тефтери приказни, кои денес се богатството на македонската народна литература. Починатиот актер Блаже Алекоски издаде неколку книги со приказни полни со народен дух. Во едно од делата се  десет илјади прекари кои се  нишан речиси за секој прилепчанец. Туркањето на прашината и изведување на виделината на илјадниците прекари беше уште еден придонес во овековечувањето на народното творештво и мудрост и уште едно камче во раскошниот мозаик на македонскиот фолклор.

Чаршијата е изворот на прекарите. Пулсот на градот, дел од   прилепската душа и ритамот на еснафот се отсликува преку прекарите. Постарите велат дека се развивал народниот дух низ чаршиските муабети, разноразните керефеки, досетки и мајтапи. Душата на прилепчаните е да ,,вади,, прекари. Дури има приказна што некој редок сограѓанин немал прекар па се жалел и му било криво. Тоа го доживувал како мана, како црна овца. Безпрекарџијата им нарачал на пријателите да го викаат Џигерот, да не отскокнува од другите само со името. Се раскажува дека прекарот се ставал и за заштита од зло или од болест, но главно се ставаат по табиетот, потеклото презимето, некоја случка. Нунко на прекарите се креативните дуќанџии, еснафот… Затоа некои го викаат Прилеп град на мајтапите и курназлаците, а со тоа и на прекарите. Имињата се забораваат, а прекарите се пренесуваат со генерации. Некои се афтентични. Со години се препознатливи и сите ги познаваат исклучиво по нив. Имињата ги имаат за декор и документи. Ниту блиските не ги познаваат роднините по името, туку по прекарот. Некои се ,,богати,,.  ,,Крстени,, се со по два-три прекари. Некои се саркастични, драпачки. На други им се наследство, традиција по два века. Дел од прекарите се претвораат во презимиња. Тие се заслужуваат, а не само да се прилепат. Прекарите оставиле впечаток и кај патеписците Мекензи и Ерби.

Прекарите се слика прилика за човекот. Се  даваат главно поради некои мани и недостатоци, непријатни случки и гафови. Некои ги добивале по табиетите, други по професијата и занаетот. Трети по потеклото, селата, а на некои им биле ставани од инает, за да бидат навредени и да им се е наруши угледот. Некои се гордеа, а малкумина се лутат. Корен има, на пример, Белакапа, оти секогаш излегувал само со бела паларија. Некој ги викале Газилајна, оти секогаш кога се враќал од чаршија дома, на чевлите имал лајна. Ги има по птици и животни, Гарванот, Маторицата, Пупунците, штркот. Имало и мрсни прекари за создавањето била потребна дарба, оти се стремеле да останат долго, да се памтат, да не се бришат и да бидат вечни. Од мрсните, еротските и вулгарните, се паметат Полгаз, Тапангаз. шилегазе, Газилајна, Сиџимпичка, Црнокуре, Теснопиче, Белогазенце, Прчикур, Тепајкур, Чешајмаде, Бричикур, Бешмаде… Прекарите се ставаат по занаетчите, по маалата: Спиро Сарачо, Митре Тенекеџиија. Долномалец, Корзомалец. По селата се познати Дупјачанец, штавичанец, Небрежанец. Има Дувнимагла, Џамбаз, Лимонтазе. Своевремено биле атрактивни прекари по актери и јунаци на филмови – Бен Квик, Клара, Тарзан, Џејн, Сандокан, Винету, Олд шетерхен, Џанго… Потрагата по потеклото на прекарот Дрле – Бањарот води до одржувачот на огнот во Градската бања. Тој бил обратен, бидејќи ѕиркал во машкиот дел од амамот.

Под саатот, во дуќаните, во меаните и маалата и ден денешен се одржува прекарската традиција која најобјективно ја пренесува мааната или доблеста на човекот. 

Loading