12. издание
Педесетина поети утревечер од 19 часот ќе ги претстават своите последни стихови на манифестацијата „Поетско Маркукуле — Кај слонот на тронот”. На традиционалното 12. Издание на падините на легендарните и магични Маркови кули ќе се афирмира убавиот пишан збор срочен во стихови. Минатите години манифестацијата заради оригиналноста и посебноста, стекна широка популарност, како кај поетските творци низ Македонија, така и кај голем број на прилепчани кои секоја година масовно ја посетуваат, уживајќи во убавиот поетски збор.
Ќе пеат поети од цела Македонија, условно поделени во две категории: млади творци и возрасни поети. На поетската дружба, ќе се промовира и книжното издание на „Поетско Маркукуле 2016″ – зборник од песните кои беа презентирани лани.
-Манифестацијата никната во идејата на нејзиниот духовен творец, прилепчанецот, уметникот и големиот патриот, Љубен Димкароски, кој почина лани на денот на одржувањето на 11. издание, прерасна во културен настан во градот – вели Петар Петрески, директор на Библиотеката „Борка Талески”.
„Поетско Маркукуле”го реализира библиотеката во соработка со општина Прилеп и друштвото „Пелла” од Љубљана, Словенија.