Убава, новоотворена продавница, за текстилни производи, во центарот на градот. Пространа, чиста, убаво уредена. На стаклото изналепени листови, доста големи, да го привлечат вниманието на минувачите и веднаш да се информираат за асортиманот на производите. Доминира голем бел лист, со мошне крупни букви и на него пишува – КУПАЧИ. Минуваат луѓето, гледаат. Некој се чуди за големата грешка, некој не знае дека е грешка, а некој и воопшто не знае, не се сеќава што сакал да каже продавачот.
Што значи зборот – КУПАЧИ? Во македонскиот јазик ништо, апсолутно ништо. Тоа е српски збор, именка од машки род во множинска форма. Во еднина би било КУПАЧ (човек кој се капе). На македонски, српската именка КУПАЧИ би гласела КАПАЧИ. Кога би прочитал некој Србин, кој првпат ја гледа таа продавница, би помислил дека тука се продаваат КУПАЧИ, односно КАПАЧИ. Луѓе кои се капат. Но, шегата настрана. Продавачот, секако, сакал да ни каже дека располагаат со ГАЌИЧКИ ЗА КАПЕЊЕ или како што би рекле Србите – КУПАЌЕ ГАЌИЦЕ. Значи, не станува збор за именка (купачи, капачи) туку за придавка. Таа придавка, во српскиот јазик се пишува со “Ќ”, а не со “Ч” – КУПАЌЕ. Гласот “Ќ” тие го изговараат малку позвучно и нашиов човек го слуша како КУПАЧЕ (гаќице), па дури со исфрлањето на “Е” а додавање на “И” формира некаква (никаква) именка. Во македонскиот јазик тоа се ГАЌИЧКИ за капење, или КАПАЧКИ гаќички. Но придавката КАПАЧКИ во ваквите случаи не може да оди сама. На пример, ако се продаваат куси панталони, никој не би напишал – имаме КУСИ. И Србите не би напишале “Имамо КУПАЌЕ”. Не ќе знаеме што е тоа. Дали се гаќички или костуми. Да резимираме. Кога станува збор за вакви производи, зборот КУПАЧИ треба сосема да се отфрли. Кај нас тоа се КАПАЧКИ гаќички. Може и КАПАЧКИ гаќи, но деминутивната форма е поприфатлива и поприфатена во јазичната практика. Има и КОСТУМ за капење или КАПАЧКИ костум. Во последно време превагнува именката КОСТИМ, а КОСТУМОТ си останува само за она комплетно машко или женско облекло. Кај машкото тоа се панталони, жакет и евентуално елек, а кај женското жакет и здолниште. Огромна грешка е кога на нашиве телевизии редовно слушаме ОДЕЛО наместо КОСТУМ.
Значи – КАПАЧКИ гаќички, КАПАЧКИ костим, и можеби некој друг капачки прибор. Никако не КУПАЌИ или КУПАЧИ.
Дали е илузија човек да помисли дека во нашава држава ќе се формира некакво тело кое ќе биде одговорно за ваквите грешки? Постојат разно-разни инспекции. Којзнае за што. Зошто не би постоела и некаква јазична инспекција? Вака, секој пишува, чкрта, како ќе му текне.