БУНАРИТЕ ЈА ГАСНАТ ЖЕДТА

По деценија, пак водна криза

Vo funkcija 10 novi bunari   -investicija od 1.100.000evra

Активирани се градските бунари што ги изгради владата на ВМРО – ДПМНЕ во 2013 година. ЈКП Водовод и Канализација во водоснабдителниот систем ги вклучи поради намалениот, неконстантен, променлив доток на вода од Регионалниот водовод Студенчица, како и поради големата потрошувачка на граѓаните. Тоа предизвикува различен режим на движење на водата како и промена на притисоците во градската мрежа, што доведува до локални заматувања на водата. Здравствено е исправна и потполно одговара на правилникот за пиење, но сепак како превентива ЈКП Водовод и Канализација предложи времена мерка, водата пред конзумирање да се преврива 10 минути. Се преземаат активности и се очекува во најскоро време целосна стабилизација и водоснабдувањето да се нормализира и да биде континуирано, дури и во Точила каде уште постои заматеност на водата. За матноста граѓаните треба да го информираат јавното претпријатие за да биде исперена водоводната линија од стручните служби, бидејќи водоснабдувањето се врши под специфични услови. Вработените во В и К, по 20 часа работат да извлечат максимум и да обезбедат континуирано водоснабдување.

По деценија, прилепчани пак се соочија со водна криза која и се политизира. СДСМ обвини дека за заматената вода се виновни градоначалникот и директорот на јавното претпријатие.

Водоснабдувањето во Прилеп е нарушено последниве петнаесеттина дена во одредени делови од градот во попладневните часови, како и во периодот од 1 до 5 часот наутро. На пример, на 9 август, произведената количина на вода е 210л/с. од кои 180 од Струденчица, а 30 од градските бунари. На 4 август беше 217 л/с., на 3 август пак 245 л/с. Има и прекини заради санација на дефекти на одредени улици.

Со температура повисока од 40 степени, хидролошката состојба на изворите паѓа под нормалата, а потребите се зголемуваат. Количествата со кои располага Прилеп се повеќекратно намалени. Недостигот е и светски проблем.  Во нормални услови Прилеп троши околу 330 литри во секунда, количества од регионалниот водовод. Поради намалената дарежливост на изворот од 1350 литри пред речиси два месеца, на 750 литри, во Прилеп, преку Кичево, Пласница и Долнени, стигнуваат 60 отсто помали количества вода. Затоа се активираа бунарите, од кои во овој период се обезбедуваат дополнителни стотина литри.

Прилеп во минатото доста вложуваше во алтернативни извори на вода, се направија и новите бунарски постројки да се интервенира во кризни моменти.

– Со ваква дарежливост на Студенчица, без алтернативни извори, граѓаните со тубите во рака ќе чекаа ред пред цистерните да наполнат по 10/20 литри за задоволување на основните потреби, како што беше во блиското минато. Со активирањето на бунарите се поставува нов режим на водоснабдување, што  предизвикува и локално заматување во градската мрежа. Заматувањето не е нешто непознато. Се случувало и ќе се случува и во најсовремените водоводи во светот. Но, никаде не се користи за политички поени – истакна во своето соопштение директорот на ЈП В и К, Сашко Николоски. 

Регионалниот водовод Студенчица е изграден со самопридонес, а Прилеп е крајниот корисник, после Кичево и Долнени, кои бележат енормна потрошувачка особено во попладневните часови.

Останува апелот до граѓаните да не се користи водата за полевање на тревниците, миење на автомобилите, перење на теписите, за полевање на тротоарите и дворовите за разладување. Да се користи рационално водата, што не значи дека граѓаните треба да се откажат од нормалните потреби на питка вода, особено во овие летни горештини.

БУНАРИТЕ СЕ ИЗГРАДИЈА ПРЕД 4 ГОДИНИ

Во март 2013 година беа ставени во функција 10 нови бунари во месноста Бегова Ливада кои на Прилеп му обезбедуваат дополнителни 120 литри вода во секунда во кризни ситуации. Тие беа резултат од четиригодишниот зафат, како на ЈКП „Водовод и канализација” вреден околу 70 милиони денари, така и на Министерството за транспорт и врски. Проектот се одвивал во неколку фази.

Прво се издупчија бунарите, поставен беше цевководот и потоа препумпната станица која за високите зони на градот ќе обезбеди доволно притисок, кога дарежливоста на изворот Студенчица, посебно во летните кризни месеци, ќе биде драстично намалена.

Се обнови и водоводната мрежа и загубите се намалија. Со бунарите, препумпната станица и со замената и обновата на водоводната мрежа, што почна со грантот на КФВ банка, а ќе заврши за неколку години со средства на претпријатието, градот трајно го решава главниот проблем.

ЈКП ВИК

14 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ЗА 12 ГОДИНИ

Изминатите 12 години ЈКП В и К доживеа трансформација во модерно претпријатие кое докажа дека може да се носи со сите предизвици во реализацијата на досега најкапиталните и историски проекти за Прилеп со инвестирани 14 милиони евра. Еден од најголемите проекти кои се реализираа во Прилеп околу водоснабдувањето е секако замената на околу 40 км. нова водоводна мрежа во градот, преку грантот на германската КФБ банка со што се реши еден децениски проблем на прилепчани. Проектот се реализираше во 2 фази, од 2006 до 2010 година, а инвестицијата изнесуваше 9,1 милиони евра, од кои 1 милион евра беа обезбедени од Владата. Со тоа се обезбеди сигурно водоснабдување на населението со тарифа која ги покрива трошоците и е социјално прифатлива. Се придонесе кон поголемо зачувување на природните ресурси, се намалија загубите на вода, а се зголеми и процентот на наплата кај граѓаните. Значително се подобри техничката и финасиската состојба на претпријатието кое доби и нова административна зграда.

Во периодот од 2009 до 2013 година се изградија 10 нови бунари во месноста Бегова ливада за околу 62, 2 милиони денари. Дел од  парите ги обезбеди В и К.

Од 2011-2016 година е изградена нова водоводна мрежа од 40 км за 900.000 евра  сопствени средства. Изградени се канализациони линии од 2 км, инвестиција од околу 76.000 евра. Набавена е опрема за радиско читање на водомери, се активираше филтер станицата за питка вода со замена на резервни делови, санација на ободен канал Маркови кули, се надогради СКАДА системот и други проекти.

ЈКП Водовод и канализација е пример како треба да функционира едно јавно претпријатие со капитални проекти реализирани со над 80 проценти сопствени средства. Ретко кое друго јавно претпријатие ги има направено.

Loading