ЗАМЕНИК – МИНИСТРИ

ivce1Кутриот наш јазик. Силно и грлесто го браниме, а во практиката го бербатиме. Им помагаме на оние што велат дека македонскиот јазик е измислен. Кога го велиме ова не мислиме на обичните граѓани. Тие, тоа што слушаат тоа и го прифаќаат. Мислиме на оние, најкомпетентните, на новинарите, на нашите избраници во Парламентот кои цврсто и непоколебливо стојат на браникот на нашиот идентитет!

За што станува збор? Се избираат ЗАМЕНИК – МИНИСТРИ. Да расчистиме! Постојат сложени именки кои се пишуват оддвоено, со цртичка: СПОМЕН – ПЛОЧА, НАЦРТ – ЗАКОН и многу такви. Ако треба да се членува, се членува втората именка, СПОМЕН – ПЛОЧАТА. Ако е потребна множинска форма и таа се добива со втората именка: СПОМЕН – ПЛОЧИ. Со цртичка се поврзуваат и две именки што се дополнуваат меѓусебно, за да означат еден поим:  ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР. Членувано: ЗАМЕНИК – МИНИСТЕРОТ, множина: ЗАМЕНИК – МИНИСТРИ. А ние што слушаме? Слушаме, ЗАМЕНИЦИ НА МИНИСТРИТЕ. Едикојси, ќе му бидел ЗАМЕНИК НА МИНИСТЕРОТ тој и тој. Некои велат дека биле многу – ЗАМЕНИЦИ! Ова не се обични грешки, ова се големи грешки. Ова е резултат на тотално непознавање на својот јазик. Ова го слушаме на сите телевизии и од сите пратеници. Да се разбереме! ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР е титула, звање. Тој е избран или наименуван. Неговата улога не е да му помага на министерот, да му купува цигари и слично. Нема да навлегуваме во неговите компетенции. Но, тие се утврдени со закон или со некој друг административен акт. Но нив не можеме и не смееме да ги викаме ЗАМЕНИЦИ НА МИНИСТРИТЕ, или пак само ЗАМЕНИЦИ. Ако станува збор за еден, ќе се рече ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР, ако се двајца или повеќе, ќе се рече ЗАМЕНИК – МИНИСТРИ. Истото се однесува и за ЗАМЕНИК – ДИРЕКТОР, а не заменикот на директорот. Првата именка секогаш останува иста, а ако треба членување рековме дека се членува втората, или ако треба множина, формата се добива со втората. За ова сме се изјаснувале и порано. Сега сакаме да го изразиме своето чудење за елементарното незнаење од сите новинари, политичари и многу интелектуалци. Запомнете, ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР означува еден поим, една титула. Не се тоа ниту заменик на министерот, ниту пак заменици на министрите . Едноставно – ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР (ОТ), ЗАМЕНИК – МИНИСТРИ (ТЕ). И кога е множина првата именка си останува во еднина. Имаме ГЕНЕРАЛ – МАЈОР. Ако се повеќе, тогаш се ГЕНЕРАЛ – МАЈОРИ, а не ГЕНЕРАЛИ – МАЈОРИ.

И со еден друг збор многу го браниме јазикот и името. Не сме прифакаќале име кое ЗАДИРА во нашиот идентитет. Ред е да го отворите Речникот. ЗАДИРА доаѓа од српскиот глагол – ДИРАТИ (ЗАДИРЕ). Кај нас ЗАДИРА значи се задева, тој е задрогаз. Имаме и прекар – ЗАДРИПЕТЛЕ. А не треба да прифаќаме име кое го ЗАГРОЗУВА идентитетот, кое ДОПИРА таму во таа област.

Ќе допре ли кај нашиве новинари, политичари и лектори дека ЗАДИРА не е наш збор.

Loading