МУЗИКАТА МУ Е ЖИВОТ

Славчо Бунтески – 50 години со гитарата

– Првин свирел за гимназиските приредби и игранки, за во 1967 година ја оформи рок групата „007“.

CIMG2507

Пет децении да се гушкаш со музиката, 50 години да ја љубиш гитарата,  половина век да си крастосан од жиците, секако е своевиден куриозитет за нашите времиња. Зашто, тешко се одржува страст за музичка поезија. Приказната на нашиот сограѓанин Славчо Бунтески, кој годинава бележи сопствен јубилеј од половина столетие од првиот јавен настап на прилепската музичка сцена, потврдува дека музичкиот пат може да трае и повеќе само ако извира од дното на душата и ако во крвта течат музички ноти, акорди, тактови и ритми.

Иако е самоук музичар од 1967, не се дели од струните на гитарата. Како ѓон му се врвовите на прстите за притискање на жиците за да ја дадат милозвучната фреквенција. Со ударот на перцето се создава галежниот тон сефтосан од ученичките денови во ОУ ,,Кире Гаврилоски – Јане,, каде бил дел од училишниот оркестар и го сретнал феноменалниот Љупчо Димкароски.

Grupata 007 - levo Bunteski

– Задоволство ми беше да свирам со овој неодамна починат великан, иако и тој ги имаше првите контакти со трубата. Кога се враќаат спомените, се сеќавам дека најмногу ми помогна во совладувањето на акордите Благоја Челоски – Рускиот. Кога потпркнав и станав гимназијалец, заедно со Трајче Базерко, Кире Пузано во 1967 година ја оформивме рок групата ,,007,,. Првин свиревме за гимназиските популарни приредби и игранки. Тоа беше моето деби и јавно излегување на сцената. Потоа учествувавме и жнеевме награди на поп фестивали, гитаријади во земјава, во Охрид, Куманово. Бевме избрани за нај група според весникот Млад Борец. Бевме атрактивни. Жаревме и палевме, оти младите немаа избор за забава, а ние негувавме модерна музика. Еуфорија се создаваше на хитовите од Битлси, Ролингстонси, Биџис и други, додека во салата се танцуваше, се врескаше, се скокаше и се пееше до зарипнување. Бувташе адреналин од нас на песните на познатите југословенски групи, Индекси, Корни група, Про Арте, Мишо Ковач, Кичо Слабинац… – памети Бунтески.

Наместо пушка, војска носел гитара. Бил дел од армискиот состав во касарната во Куманово, покрај колегите академци и професионалци.

CIMG2503

– Стаоградската музика ми лежеше на срцето како потисната стерна. Не издржа душата и бликна спонтано. Со Ѓоре Ачкоски, Стеван Деспото, Риџата се собиравме по дворовите со чашка и мезе и свиревме и пеевме за свој ќеф староградски песни. Имало некоја прослава во кафеаната Карат. Некој нé викна да им ја збогатиме радоста. Додека свиревме се собра и се воодушеви многу народ во 1987 година. За на уво тегневме македонски и српски скадарлиски песни. Оттогаш бевме три години забава во Карат секој викенд, негувајќи го и мексиканскиот мелос, кој беше омилен кај прилепчани. Локалот беше претесен да ги прими сите љубители на оваа музика. Така се роди групата ,,Прилепски мерак,,  во чиј состав беа Ѓоре Ачкоски – вокал, Стеван Деспотоски – соло гитара, Петар Симоноски – прим, Жарко Димитриоски – контрабас, а јас со Риџата бевме ритам гитари. Се прославивме во цела Македонија. Свиревме во многу градови. Највпечатлив настап имавме во ресторанот Ореов лад во Скопје каде свиревме цел месец во 1994 година, засенувајќи ги познатите скопски групи – ривали. Пеевме на фестивалот Серенада во Битола и ја снимивме првата касета со староградски композиции во која беше и мојата популарна песна ,,Среда,,. По две – три години снимивме и втора касета. Комплетното снимање и издавање ги плати непознат човек во кафеана во Кавадарци побуден од добрата свирка која сме му ја приредиле. На неа беше и мојата композиција која стана хит – ,,Добро утро, Прилепе мој,,. На втората касета нé придружуваа мајсторот на виолина Никола Тумбески и Дејан Ачкоски на хармоника. Откако пејачот во групата Ачкоски почина, исчезна и ,,Прилепски мерак,,.

Тука не завршил музичкиот век на Бунтески. Без музика се чувствувал како жив мртовец.

– Продолжив да свирам со Стеван Деспото и Блаже Дукоски – Даскало, на прим, под име ,,Романса,,. Откако Деспото замина, се приклучи Сократ од Крушево и до ден денешен сме во тој состав, одржувајќи ја староградската македонска песна за на уво, без озвучување низ рестораните во градов и надвор  – кажува Бунтески.

Низ 50 годишната музичка авантура учел и се дружел со познати музичари.

– Од Шиндевци ја научив скадарлиската музика, потоа свирев со мајсторот Рускиот и имав незаборавно дружење со Димкаро. Го запознав и легендарниот крушевчанец Шапе, потоа свирев со Слободан Пејако и Јанчуле. Иста душа делам со живата легенда Никола Тумбески, кој е виртуоз на виолина и уште подобар човек по карактер  – нагласува Бунтески.

Вели дека со добра мисла и здравје не скршнува од музичката патека. Ќе свири и пее по македонските меани додека го држи грлото, додека му ,, работат прстите,, очекувајќи годишнини. Се радува што младите се свртуваат кон македонската традиционална песна. Негува  надеж дека некои од нив ќе тргнат по неговите стапки, ќе ги заземат музичките места и ќе ја продолжат музичката возбуда на прекрасната македонска песна.

Член на октетот Прилеп

Последниве 7-8 години Бунтески е член на популарниот октет Прилеп. Тој е можеби единствениот квалитетен активен македонски октет што разлева од осум грла кадифени звуци на раскошната македонска песна.        

Loading