Томе Велјановски, нашинец кој живее во Шведска, преку нашиот неделник ја претстави книгата „Песни под Селечка 2“ за која зборуваше писателот Петар Петрески.
Новата книга поезија на Велјановски, родум од Марул, е продолжение на поетската мисла, по ланското издавање на книгата ,,Песни под Селечка”. Во второто издание авторот пишува за минатото, за сликите кои му останале во сеќавање, за овчарите, за жителите од селата, за историските личности кои ги пренесува во стих.
– Велјаноски се занимава со собирање раскажувања за историјата на македонскиот народ, претежно од Пелагонија и Мариово, собира преданија, легенди и народни песни. Збирката ,,Песни под Селечка 2,, содржи 19 песни. Тематски не се поделени сепак условно стихозбирката е составена од две мотивациско – тематски целини. Првата поетски го тангира и воспева нашето славно минато, особено периодот во Втората светска војна и неговите најистакнати борци за слобода на македонскиот народ, какви што се народните херои Кузман Јосифоски – Питу, Мирче Ацев, Вера Ацева, Методија Шаторов Шарло, Методија Андонов – Ченто, Крсте Црвенкоски, но и познатите борци од подалечното минато на овој крај, каков што бил војводата Ристе Окле. Второто мотивациско јадро го сочинуваат песни кои се свртени кон детството и детската имагинација, какви што се: ,,Зајко,,, ,,Запче,, ,,Болно еже,, ,,Пчела,, ,,Кума лиса и волчо сивчо,,, ,,Мецана,, и др. Народниот поет, кому му е иманентен народниот поетски израз, не отстапува, туку го поддржува, збогатува и го осовременува. Затоа книжевно – естетската вредност е интересна поетска пројава. Велјаноски како автор е упорит, доследен на сопствените творечки пориви, но без посериозен обид за поекстензивна и побогата стилска орнаментика – вели Петар Петрески.
Велјановски, потпишан е на кориците на повеќе книги. Неколку се историски и две се собирани народни умотворби.