ЧУВАР НА ЈАЗИКОТ И ИДЕНТИТЕТОТ

Јубилеј – Десет години австралиско македонски театар во Сиднеј

2.Promotori na makedonskata kultura

Пред една деценија се формира Австралиско македонскиот театар од Сиднеј, кој за овој период постави 13 оригинални продукции со илјадници посетители од различни генерации. Аматерите гостувале во повеќе градови во Австралија, успешно оствариле две турнеи во Македонија со учество и на МТФ „Војдан Чернодрински” во Прилеп.

Преку продукциите е изграден мост меѓу постарата и новите генерации на Македонци, кои го чуваат од заборав македонскиот јазик. Театарот е амбасадор на македонската театарска уметност и култура во Австралија.

Ансамблот ги стави на сцена претставите ,,Страв и срам”, “Мр Балкан”, ,,Стари и весели”, “Раскол”, “Остави ја свеќата да гори”, “Борење со мечка”, “Ограда”, “Доктор, жими мајка”, монодрамата Ченто, “Куферот”, “Баба се мажи”, монодрамата Неда, “Неочекувана забава”. Театарот ја промовира драмската и театарската уметност и ги зближува луѓето од македонско потекло кои се активни и креативни во драмите, музиката, филмот, креативното пишување и играње… Практично се промовира заедницата.

Театарот го подобри културно-забавниот живот на Македонците и влијае едукативно со драмските изведби поврзани со здравјето, семејството и традицијата. Делови и целосни претстави се изведени и на англиски јазик за пошироката публика. Театарот е награден во 2009 година од Министерството за здравје и Центарот за ментално здравје за успешното иноваторство во едуцирање на македонската заедница. Во 2015 година ја доби националната награда за култура и уметност за драмата „Ограда”. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во 2015 год. му додели на театарот Повелба за промовирање на македонската култура и нација. Драматургот Душан Ристевски е награден за театарско иноваторство од Министерството за здравје на Нов Јужен Велс за драмата “Страв и срам”. Премиерот на Нов Јужен Велс го награде Ристевски за неизмерниот труд во ширењето на мултикултурната заедница, посебно во театарската уметност. Артистите Олга Николовска, Васко Србиновски и режисерот Стефо Нанцу се добитници на наградата Златно сонце. Театарот ја воспостави наградата “Александар Македонски”.

Loading