Во септември, во Грција, гимназијата „Мирче Ацев“ со монологот „Лора“ ќе учествува на Меѓународниот младински театарски фестивал „Олимпија во Дион“ на кој учествуваат избрани претстави од повеќе земји во светот. Гимназијата аплицираше, а организаторот според однапред утврдени критериуми, ја прифати прилепската претстава и таа ќе учествува на престижната културна манифестација во втората половина на септември.
Драмскиот текст „Лора” е монолог кој претставува композиција од фрагменти од интегралниот драмски текст „Лора” на професорот по драмска уметност и англиски јазик во гимназијата, м-р на драматургија, Маринко Шлакески, кој е и режисер. Претставата е внимателно и вредно подготвувана речиси цели три месеци. Ученичката Марија Митреска го игра ликот на „Лора”, а за настапот на француски јазик на меѓународниот театарски фестивал во Стара Загора – Бугарија, доби специјална награда за драмски лик.
– Имаме привилегија да учествуваме на традиционалниот меѓународен театарски фестивал во Дион, во Грција. Во духот на традицијата на фестивалот „Олимпија во Дион”, почитта кон античките автори и домаќинот, кон традицијата на фестивалот кој трае со континуитет од антички времиња, (се одржува во чест на Богот Дионис каде е погребан античкиот драмски писател Еврипид), претставата ќе биде изведена на грчки јазик – вели Шлакески.
Покрај успесите на професорите и учениците за учебната 2016/17 год. по разни предмети и дисциплини на државни натпревари, гимназијата е добитник и на ексклузивната награда за најдобар драмски лик во Стара Загора и тоа е единствената меѓународна награда оваа учебна година.