Инцијатива
– Група граѓани собраа потписи и бараат од локалните власти да се забрани шетање на кучињата во парковските површини во центарот на градот
Сопствениците, да не ги шетаат кучињата во парковските површини во центарот на градот, ниту пак на Могилата. Група граѓани веќе поднесоа и петиција до локалните власти, со која бараат надлежните да им го забранат престојот на кучињата во паркот пред Комерцијална банка, кај Ченто, кај Судот. Сметаат дека кучињата со сопственци се магнет и за бездомниците, а сите заедно се потенцијална опасност за децата и повозрасните кои сакаат да уживаат и одмораат во зеленилото и сенките во парковските површини. Ги потенцираат и ризиците по здравјето кое може да ги предизвика исфрлениот измет, мокрењето и душкањето кое го прават кучињата во тревата, а во која си играат деца.
– Не сме против кучињата, но сме против сопствениците на домашните миленици. Разбираме дека животните имаат природна потреба да бидат изнесени надвор од станот и домовите и дека треба да се прошетаат и да ги извршат своите физиолошки потреби. Но, недозволиво е тоа да се прави во градскиот парк. Сопственците седат на клупите, а нивните миленици, пуштени слободно, трчаат низ паркот. Не само што се опасност и шират зараза со нивната некотролирана нужда, туку може да загрозат некое дете, да го турнат, а не Дај боже и да нападнат човек. По нив се збираат и бездомните кучиња. Бараме да им се забрани да ги шетаат кучињата по тревата и патеките за пешаци. Тоа нека го прават надвор од градот, над Вештачкото езеро, Шаторов камен, Селце, таму каде што нема луѓе – вели Стеван Крстески.
Ја разбираат љубовта и пасијата која ја имаат некои сограѓани кон четириножните животни за кои уште од Библијата се вели дека му се пријатели на човекот. Но, бараат иницијативата за забрана да се шетаат миленици во парковските површини, правно да се регулира и почитува. Така ќе имаме ем почист, ем побезбеден парковски дел, во кој подеднакво сите прилепчани би уживале. Покрај грижата на сопствениците за прочистување на кучињата од внатрешни и надворешни паразити и стерилизација, напоменуваат дека има голем број на болести кои може да се пренесат и да бидат фатални доколку децата кои трчаат во тревата ги стави прстите в уста или го допре лицето. Укажуваат на тоа дека и дел од кучињата покажуваат прекумерна агресивност со што претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните, доколку се шетаат слободно на улиците. Во тој контекст е непотврдената информација дека деновиве куче нападнало човек во близина на градот.
Иницијаторите на петицијата очекуваат реакцијата на здруженијата за заштита на животни, но веруваат во совесноста и поддршката од пошироката заедница кон овој долгогодишен проблем.
Данок за миленик во Кина
А, дека се може да се регулира кога се сака, покажуваат и најновите решенија применети во светот. Њујоркчани забраниле кучињата да се превезуваат во метрото. Подземната железница имплементира ново правило со кое не им се дозволува на сопствениците со кучиња да се возат со метроата, ако не се носат во ранец или чанта. Кина пак, го ограничила бројот на кучиња по фамилија. Законот забранува да се чува повеќе од едно куче во домот. Казната за чување повеќе кучиња е околу 300 долари. Тоа не е се. Кина го забранила чувањето на одредени раси како пит булите, доберманите, мастивите и другите “злобни” кучиња. Сопствениците на повеќе кучиња ќе можат да ги задржат милениците, но ќе мора да платат еднократна партиципација за чување куче во износ од 60 долари.