52. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Вечерва во ЦК „Марко Цепенков“ од 20 часот се крева театарската завеса на 52-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Влезниците за претставите веќе се распродадени. Со 12 претстави во официјалната конкуренција и богатата придружна програма, Прилеп ќе биде домаќин на божицата Талија до 16 јуни. Уметничкиот директор Петар Темелковски вели дека публиката со нетрпение, со многу љубов и позитивна енергија ги исчекува најновите театарски остварувања.
– Ќе дадеме се од себе публиката да проследи интересни жанровски различни претстави. Јас, заедно со деветте музи Полихимнија, Ерато, Клио, Ураниа, Талија, Мелпомена, Терпсихора, Евтерпа и Калиопа вечерва ќе ви речам – „На добар час, на многу добар час, на многу, многу добар час” – вели Темелковски.
Академик Митко Маџунков годинава е добитник на наградата за животно дело, а фестивалската завеса ќе ја кренат актерите од Драмскиот театар со ,,Венецијански трговец,,. Нашиот театар ќе ја игра „Фигурае венерис хисториае„ (Љубовни пози на историјата). Заради големиот интерес мјузиклот ,,Тајно моја,, посветен на музичката легенда Тоше, на затворањето ќе се изведе двапати, од 15 часот и од 20 часот. Фестивалот ќе обилува со промоции на театарска литература.
Маџунков писател со врвно место
На Митко Маџунков вечерва ќе му биде доделена наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински”. Фестивалот го памети по трилогијата „Вечна игра”, со пиесите „Големиот смок”, „Сенката” и „Пуста земја”, изведени во Прилеп во 1986, 1988 и 1989 година.
Тој зазема врвно место во литературата со своите раскази, романи и есеи и му припаѓа на театарот. Според Бранко Ставрев, со Маџунков, ние сме во одминатиот и незбиднатиот свет, во татковините кои нѐ бараат нас, а не ние нив, во сите солуции во кои личноста оживува од историјата, од естетиката, од стварноста или илузијата.
Добитникот е на повеќе книжевни награди и признанија, меѓу кои – „Исидора Секулиќ”, „Рациново признание”, „Војдан Чернодрински” за најдобар текст (двапати), двапати награда за роман на годината, награда за книга на годината (двапати), „Годишна награда на град Струмица”, државната награда „11 Октомври” и други.