НА ЕДНО МЕСТО ТАТКОТО, СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ

Духовден

bardinja

Празникот Духовден, меѓу народот познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педестница и.т.н се празнува 10 дена по Спасовден, а 50 по Велигден. Се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува 50 дена по Велигден, туку и затоа што на овој ден се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската гора.

Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим. Биле 12 на број, зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус, се обесил, го пополниле со Матеја, кого го избрале со коцка од учениците Христови за нивниот број пак да е 12. Околу 9 часот наутро, се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар. Се покажал светиот дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што го претставуваат Светиот Дух.

По ова, апостолите почнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ, собран по силниот шум, помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо, затоа што се пијани. Се појавил апостолот Петар, кој објаснил дека тие луѓе не се пијани, туку се исполнети со Светиот дух што им го испратил Господ. Потоа, ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се покрстиле околу 3000 луѓе.

Празник уште се вика и Света Тројца, зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. 

Loading