Матурантите од средните училишта ја завршија втората образовна Одисеја. Со зурли, тапани и труби гласно се збогуваа со редовните часови, оправданите и неоправдани отсуства и оценките до пет. Играа ора и се кршеа на чочеци со шишиња пиво и сокови в раце низ уличните поворки до плоштадот, означувајќи го полнолетството. Се прегрнаа со професорите и со ведрина на лицата, од грлата им излегуваа рефрените на македонскиот фолклор. И чалгаџиите заработија по некоја стотка на челото, правејќи од матурата празник. Некои емотивно, со некоја солза, ги оставија клупите и училниците во кои седеле и збирале ука 3-4 години. Ќе ги паметат навек професорите, школските другари, зафрканциите кои сега им се свежи.
Стојат исправени пред животна крстосница – високо образование. Потребни им се сите информации за факултетите. Со семејството ќе седнат во асолен муабет да се направи избор, да се утврдат афинитетите и перспективите на образованието од овој или од оној факултет. Дали семејниот буџет ќе ги задоволи потребите на идните бруцоши за дома на Економскиот факултет, за Скопје, Штип или Битола, или надвор од државава? Дали е подобра оваа или онаа диплома? Дали овој или оној Универзитет? Дали да работат со средношколска диплома или…
Има многу прашања, а до одговорите ќе дојдат со консултација на најблиските. Најважно е дека минала една етапа од образованието, онаа најдобрата, кога се созрева, се раѓа првата љубов, недоречена симпатија и другарството што ќе трае доживотно.