ИСТОРИЈА ВО ПРИРОДА

Cas kraj spomenik

Прилеп не џабе е град – херој. Многу споменици сведочат за долгата и богата историја. Кулите на Крал Марко, германските воени гробишта, Могилата на непобедените… Сé ова укажува дека градов имал придонес во “матењето на водите” на големите сили.

На фотографијава гледаме час по историја, одржан на месноста Дабнички завој. Учителот им објаснува на учениците од каде иделе борци за слобода, фатени од бугарскиот окупатор. На дечињата со титовки и со знаме им доловува парче историја, кога во 1942-ра година по ѕверско мачење, баш на тоа место биле стрелани 15 борци, меѓу кои Добре Јованоски и Рампо Левката.

Некои со интерес гледаат во учителот, а некои ги привлекол фотоапаратот, па којзнае каде им е умот. Честа да го држи бајракот, морал да го оправда ученикот, кому му е доверена задачата, па не трепнува додека го слуша предавањето. Ама, од 20-та ученици се нашол еден поербап на кој можеби не му “лежела” историјата, па зел двоглед и со него “шпарта”, гледајќи во далечините, спротивно од местото каде посочува учителот. Двогледот бил ексклузивитет. Сигурно многу од соучениците го барале за некоја секунда, да видат нешто далечно, што не може да се види со голи очи. 

Loading