НЕГОВОТО ВЕЛИЧЕСТВО ЧИТАТЕЛОТ

ЧЕКОРИМЕ КОН ДЕЦЕНИЈАТА

Zenit atraktiven za kineskite gosti

Да, токму читателот. За нас, за Редакцијата на Зенит, сеуште читателот е светост, кип кон кого ги подредуваме активностите, чинител кој го диктира ликот, физиономијата и иднината на неделникот. Можеби сме од стариот ков, можеби како деца од поранешниот век премногу не задоиле со магијата кои ја имаат печатените новинарски изданија, но сепак остануваме доследни на сваќањето дека ништо не е исто како весник да се има во рацете. Ни влегла длабоко во жилите миризбата на печатарската боја, чувството кога ќе шушне печатарската хартија во рацете и кога крај мирисот на вкусното кафе, ќе го отворите весникот, а од него ќе ве пречека интересна фотографија или пак погледот ќе ви го закова интересен наслов… И во ерата на вртоглав раст на новитетите на информатичката технологија која светот и случувањата ги имате во дланка, на паметните телефони, упорно и посветено продолжуваме со печатеното издание на Вашиот и Наш неделник Зенит. Го издаваме ката петок, полни 9 години, а од 2 мај зачекоривме во десеттата година од излегувањето. Ќе наполниме една деценија суштествување, опстојување и борба на маедиумскиот простор.

Се стегал ременот, се обезбедувале тешко финансиски средства, но никогаш не запрело печатењето. Трудно оди наплатата на рекламите, а дел од бизнисмените заради намалениот обем на работа ги откажуваат комерцијалните објави, дури и не ни помислуваат на рекламирање на своите производи и услуги. Врз основа на темпото кое го диктираат пазарните услови, од овој број кој ја носи симболичната бројка 450, неделникот Зенит излегува на 8 страници. Воведуваме колор, двете носечки страници – првата и последната нудат разиграност, шаренило кај читателот, а фотографии во боја има и на средните внатрешни страници. И пак за пет денари. Сето тоа со единствена цел – да се задоволи потребата и желбата на читателот. А читатели Зенит има, и ќе има. Токму заради нив постоиме, опстојуваме, за да бидат информирани и да не им го скратиме задоволството во петок наутро да се дружат со нивниот неделник. Чувствуваме општествена одговорност да бидеме понатаму гласило на граѓаните, да не ги оставиме во информативен мрак, да си ги зачуваат примероците во кои е приказната за нивниот сосед, во кои е фотографијата од нивното внуче на детската страница, или пак го нашле телефонскиот број од бесплатниот оглас кој им треба…

Ќе бидеме понатаму единствениот печатен медиум во регионов кој ќе продолжи да информира, да биде хроничар на настаните, да ги зачувува од незаборавот пред се убавите, но и да ги регистрира настаните кои ќе останат дел од црните страници во историјата. Уверени сме дека ќе одолееме на налетот и напливот на порталите кои пласираат секакви, дури и непроверени информации, и дека ќе останеме верни на нашиот читател кој под ѕвоното на градскиот сааат сака да го има и ќе го има неделниот весник Зенит.

Loading