КНИГИТЕ НЕ СЕ ШАЈКИ

Blagoja Ivceski

Некои грешки можат да се простат. Или дека не се големи. Во продавница каде што се продаваат и шајки се направени убави прегради и во нив наредени шајките според својата големина – петки, седумки и така натаму. Шајките со должина од 12 сантиметри, правилно е да се нарекуваат дванаесетки. Но, во родавницата пишува дека се дванејски. Грешка е, но е од помалите. Продавачите напишале по прилепски. Не може луѓе да го познаваат перфектно литературниот јазик.

Такви или слични грешки, не смее да има во книжарници, во продавници на книги. А се случуваат, и се повторуваат. Лани на излогот, од една книжарница пишуваше – саем на книга. Мислевме дека последните букви од зборот книга, случајно се одлепиле и паднале. Во продавницата продавачките се правдаа дека тоа го пишувале други. Им рековме дека тоа треба да пишува САЕМ НА КНИГАТА. Ако се изговори именката КНИГА, нечленувана, ќе означува само родов поим. Ќе ни каже дека тој предмет, таа именка е од женски род и ништо друго Именката КНИГА мора да биде членувана. Кога ќе се рече САЕМ НА КНИГАТА (членувано) се мисли на книгата како средство за читање, за информирање од секаков вид. Се мисли на литература од различни области, од уметноста, од медицината, од техниката и се друго што може да биде напишано во една книга. За жал, останува негрижата.         

Ако речеме дека во Прилеп постои ДОМ НА КУЛТУРАТА, треба да разбереме дека во таа куќа се одвиваат најразновидни културни дејности а не само некој дел. Затоа се вика ДОМ НА КУЛТУРАТА (членувано), а не ДОМ НА КУЛТУРА.

Последниве години има определен ден кога се садат дрвја. Тој ден се вика – ДЕН НА ДРВОТО, а не ДЕН НА ДРВО. Именката ДРВО мора да биде членувана (дрвото), таа се однесува воопшто на сите дрвја. Дрвја, садници од секаков вид. Има многу примери – ДЕН НА ПРОЛЕТТА  (не Ден на пролет), ДЕН НА МУЗИКАТА (не Ден на музика) и многу такви. 

Loading