ПОД ЗАШТИТА ОБИЧАЈОТ ДЕВА

Deva pod drzavna zastita

Обичајно – обредниот комплекс Дева во Крушево, како духовно културно наследство ќе се заштитува според правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство. Заштитата е од областа на нематеријалното културно наследство на Институтот за старословенска култура. Истражувањата, финансирани од Министерството за култура, ги врши научниот советник д-р Владимир Караџоски.

Целта е насочена на сочувување, евидентирање и негување на автентичноста на обичајот во неговата изворна традиционална форма, што и денес се практикува.

– Во животот на македонскиот човек значајно место заземаат могу празници, исполнети со активности, верувања и обичаи. Во зимските празнувања, Божик има централно место. Свеченостите се чувствуваат и најавуваат порано. Во Крушево се празнува реткиот и уникатен обичај наречен Дева. Тој е поврзан со ѕвездата која се појавила на небото, ноќта наспроти раѓањето на Спасителот. Обичајот е автентичен и го нема во ниту едно друго место во Македонија. Според преданијата, пренесен е од Русија од група крушевчани – печалбари. Во предвечерието на Бадник, на 5 јануари, машкиот пол на христијанските верници се собираат во парохиската црква Св. Богородица. Во храмот доаѓа свештеникот. Годинава тројца учесници држеа во рацете шестокрака ѕвезда, направена од дрво, обвиткана со црвено платно и која свети. Сите пристапуваа кон заедничка молитва. По завршувањето и отпевањето на песната за Дева формираат повеќе групи помлади, повозрасни и средновечни машки жители кои од храмот и одат од врата до врата во секоја куќа низ градот и пеат соодветна песна поврзана со обичајот. На тој начин симболично го најавуваат Христовото рождество. Пред вратите ги дочекуваат домаќините, кои во знак на благодарност и помош за црквите даруваат доброволен прилог на ѕвездоносецот. За награда добиваат пари и пијалак. По обиколката на сите куќи, секоја група верници – благовесници се враќа во храмот околу полноќ Св. Богородица, каде собраните дарови и финансиски средства ги пребројуваат и  забележуваат која ѕвезда колку собрала. Собраните финансиски средства се донираат за црквата. Паралелно, со трите црковни ѕвезди шетаат и деца по куќите низ градот, но само од машки со свои ѕвезди, кои добиваат по некој мал додаток. Организатор на обичајот се свештениците во Крушево. Вечерта во градот се гледаат многубројни црвени ѕвезди. Воздухот го параат безбројни  гласови на децата и возрасните, кои пеејќи ја песната, изгледаат како огромен хор под отвореното небо – раскажува д-р Караџоски.

Институтот за старословенка култура изработи над 15 елаборати за заштита на нематеријалното културно наследство. Досега се заштитени празникот Св. Талалеа во селото Крстец. Во процедура за заштита се празниците Голем Петок – Варош, Водици во селото Битуш, Џоламарите во селото Бегниште, Лазарките во струшко и Дримкол и  др.

Loading