Возачите ќе останат во дилема на прашањето која е дозволената брзина за возење со автомобил низ градот, откако внимателно ќе видат два знака еден спроти друг на излезот, односно на влезот во Прилеп, на патот за Крушево или обратно. На едната страна од патот, на излезот, пишува дека престанува забраната на ограничената брзина од 50 километри под знакот дека ќе напуштат градот, додека од другата страна за влезот во Прилеп стои знак со максимално дозволената брзина низ градот дека е 40 километри на час. Такситите, кои најчесто возат, се во недоумица дали низ градските улици не смее да се вози побрзо од 40 или 50 километри на час.
Овие чудни знаци влеваат забуна. Затоа надлежните би трабало да го коригираат едниот или другиот знак. Поинаку, може да се случи некој возач да биде санкциониран ако ја надмине брзината која од другата страна е дозволена.