МАЛКУ ПОИНАКУ

ivce1Ќе го започнеме овој напис малку поинаку. Малку понеобично.

Ќе почнеме од едно подалечно време – Кралството Југославија. Во тоа време, во Прилеп постоел човек, општински чиновник, одговорен за хигиената во чаршијата, за работното време и воопшто, за редот во таа област. Бил мошне принципиелен, би се рекло, многу строг. Изрекувал високи казни ако најдел пред некој дуќан да не е чисто, изметено. Високи казни за непочитување на работното време. Чаршузлиите се плашеле и воделе сметка да не направат некоја грешка. Поради големата строгост го нарекле тој човек – ЦРНА САБОТА. Познат на сите под тоа име. Некогаш, не знаеме по какви причини, отишол (службено) во некое од блиските прилепски села. Се нашол во некои специфични околности. Задремал, и потоа заспал. Се штрекнал кога се разбудил. Работното време не било завршено, а тој заспал. Веднаш си поднесол пријава за грешката што ја направил и барал да биде казнет од односните служби.

Оваа вистинска приказна, ја поврзуваме со еден настан што ни се случи нам. Шеткавме низ пазарот. Ни пристапи непознат човек. Вели: “Извинете, да ве прашам. Дали зборот ПОУЗДАН може да се употребува во нашиот јазик”? Веднаш му одговоривме дека не може, дека зборот не е наш. Но, ете, за момент се расколебавме, па му рековме дека сепак може да се употребува тој збор. Човекот се заблагодари и се разминавме. Почна да не јаде некоја јанѕа, дали го информиравме човекот правилно? Дали зборот ПОУЗДАН го има во нашиот јазик? Пристигнавме дома и почнавме да пребаруваме во речниците. Го нема тој збор. Го најдовме во српско-македонскиот речник. Таму стои дека српскиот збор ПОУЗДАН може да се преведе со СИГУРЕН, ПОУЗДАНОСТ со СИГУРНОСТ или со ВЕРБА. Изразот – “Поуздање у се”, се преведува со “Сигурност, верба во себе”. Има и други објаснувања, но важното е дека зборот ПОУЗДАН (поузданост) го нема во нашиот јазик. Значи, погрешно сме го информирале човекот. Тој, штом се осмелил да не праша токму нас, значи верувал дека ќе добие точен одговор. Во случајов, дезинформацијата ќе ја пренесува како точна и на други луѓе. Што да правиме сега? Грешката ја направивме, но како да ја поправиме? Лесно му било на ЦРНА САБОТА да си поднесе пријава за својата грешка. Кај нас такво нешто е невозможно. И за големи јазични грешки не може и нема на кого да му се поднесе пријава, ниту пак може некој да одговара за такво нешто. Но, не гризе совеста. Го излагавме човекот. И што сега? Утредента уште рано одиме во пазарот, на местото каде што го водевме разговорот. Го нема човекот. Не знаеме дали тој само шетал низ пазарот или пак работи, продава на некој штанд. Завртивме повеќе пати и си заминавме. Некаде, околу пладне, се вративме повторно. Го најдовме, го препознавме. Му пристапивме и му се извинивме за погрешната информација. Му кажавме дека и изутрина го баравме но не можевме да го најдеме. Тој вели дека не видел и се чудел зошто толку долго сме се вртеле тука, на тоа место. Вели дека поодамна му било сомнително дали зборот ПОУЗДАН е македонски. Кажува дека слушнал некој израз – “Поуздани производи”. Тоа пак е сосема голема грешка. Така не би се рекло ни во српскиот ни во македонскиот јазик. Но, или човекот погрешно слушнал или тој што го употребил таквиот израз, направил голема грешка. Како и да е, ни олесна малку. Тешко ќе ни беше ако не го најдевме човекот, а тој ќе беше сигурен дека зборот ПОУЗДАН е наш. Ќе си ја бараше вината во себе, зошто не можел да го прифати тој збор, за кој, ете, инстинктивно чувствувал дека е погрешно влезен во нашиот јазик. А ние пак, не ќе можевме да се ослободиме од вината поради дезинформацијата што ја направивме, онака, набрзина.

А за јазикот наш, грижата е повеќе од мала. Речиси никаква. Ех, кога би имало по еден таков ЦРНА САБОТА во сите наши медиуми, во сите институции. Потребен ни е таков ЦРНА САБОТА не само за хигиената во чаршијата, туку и за јазичната хигиена. Фирми, натписи, реклами – УЖАС.                                                                                                                               

Loading