ИСТОРИЈАТА ВО ИЗВОРНА ФОРМА

Македонија и Одринско

odrinsko

Книгата „Македонија и Одринско”, е издадена во Софија 1904 г. и во неа се дава целосен приказ на населението во Македонија и населените места, зулумите и злосторствата што ги правела турската власт во тој период на оваа територија, како и борбените активности на македонските патриоти. Ова е прв превод на македонски јазик од бугарски на книгата „Македонско и Одринско 1893 – 1903″. Станува збор за мемоари за внатрешната организација издадена од градската библиотека “Борка Талески”. Преведувач беше писателот Трајче Крстески.

Со стручен и аналитичен приод, евидентирани се и документирани сите погроми, страдања, убиства и палежи вршени од турската власт врз македонскиот народ и другото христијанско население, во посочениот период, како и сите борби, афери и отпори кои ги правел македонскиот народ за своето ослободување. Според д – р Виолета Ачкоска станува збор за дело кое треба да го прочита секој Македонец.

– Македонците треба да си ја осознаат сопствената историја во најизворна форма. Трудот, објавен 1904 година зборува за страшната трагедија на македонскиот народ. Тие години се период на насилство која примитивната власт ја вршела на македонскиот народ. Најстрашна е рамнодушноста на европската дипломатија, која не се грижела за овој народ, како за другите околни народи. И до ден денес македонското прашање, за жал, не е  решено. Книгата треба да биде поука дека треба да се сакаме, сплотиме, оти само сплотени можеме да ја зачуваме државата – вели Ачкоска.

– Во книгата се открива сé што се случувало во минатото, а не е доволно познато. Тоа забележано, документирано и евидентирано за да не исчезне во заборавот на времето – вели Петар Петрески, директор на библиотеката.

Книгата е издадена на неколку странски јазици.

Има малку почви на планетава Земја што толку многу се натопени со крв и солзи, малку се народите кои со векови беспримерно страдале и упорно, со колосални жртви се бореле да опстанат, притоа создавајќи цивилизациска и легендарна култура како печат врз тажниот сјај на своето постоење како потсетник за неуништливоста на потиснатите, измачуваните, обесправените, страдалниците… народ кој на ужасните удари на судбината пред заверените силници успеваше да се издигне и да провозгласа дека нема да потклекне, без разлика на цената што најчесто беше саможртва.

Книгата ,,Македонија и Одринско – 1893-1903 – мемоар на Внатрешната организација,, е најречитиот и беспоговорен свидетел, на тоа неповторлив ,,документ,, за едно преломно време од нашата не толку далечна историја чии одеци сé уште татнат и треба да нé потсетуваат на славното минато во кое нашите поробени претци, осудени на бестатковинство и бескуќништво, на ѕверски измачувања и колежи, чии куќи и имоти беа беспош-тедно ограбувани и палени, чии мајки, жени, сестри и челад биле бестијално бесчестени и потоа живи горени или потурчувани, речиси голораки се креваат против тиранот со крикот низ кој се мешаат очајот и надежта.

Очајот? – затоа што со децении Великите сили во кои населението на овие простори гледаше со жедни очи, не мрдаа ни со малиот прст, а кога ќе го направеа тоа носејќи ги своите ,,реформи,, кои наликуваа на Пилатовото миење на рацете, а потоа í ги предлагаа на Турција, не донесуваа никакво олеснување за христијанското население, напротив, носеа уште подив терор, уште поосмислено систематско истребување. Не е ли за тоа сведоштво што некои од европските владетели и рускиот император пријателски го советуваа султанот да ја реорганизира армијата и со сурови мерки да го задуши востанието во Македонија.

Тоа фарисејство изразено е уште и со тоа што ,,несреќната рожба,, на Берлинскиот конгрес ги преживеа сите фази и перипетии кои мртвородениот член 23, со математичка точност ги беше насочил. За време на близу дваесет години див и нечовечки режим, на тешки страдања, на бесплодни очекувања и неостварени надежи, тој стои презриво зафрлен во прашливите дипломатски канцеларии, длабоко занемарен од оние врз кои тежеше целата одговорност пред историјата и пред човештвото.

Надежта ја замени единственото нужно решение, востание.

Ниедно востание на Балканскиот Полуостров против турското владеење не избегна, а да не плати скап данок на турската крвожедност и пустошење. Најголемиот данок го плати христијанското население во Македонија и Одринско. Најефикасното средство со кое се послужи турската власт за време на востанието, беа потресувачките ѕверства и пустошења. Немоќна да ги ,,скрши,, упорноста и тврдоста на шепа востаници, иако располагаше со 200 000 армија, турската власт прибегна кон најужасни методи на ,,смирување,, најчудовишни ѕверства кон немоќното христијанско население. Така се добија следните потресувачки резултати.    Опожарени се повеќе од 200 христијански села (до пепел); 20440 целосно изгорени христијански куќи, 4612 убиени и заклани христијани, 3120 обесчестени и 176 пленети жени и моми, 70835 обездомени, 30 000 протерани и 1500 несреќници фрлени по затворите од кои многумина никогаш не се вратија.

Тоа е дел од лукавиот план на султанот Хамид, за истребување на христијанското население, прецизно спроведуван од турскиот и европскиот реформатор ,,Хилми-паша,, што е рамен на геноцид.

Книгата  ,,Македонија и Одринско – 1893-1903 – мемоар на Внатрешната организација,, е сведоштво за тие ѕверства и пустошења, толку сурови и нечовечки што не можат ни да се замислат и пред кои се згрози цивилизираната Европа. И денес, по 114 години од востанието, тие сведочат за еден нечовечки режим, но и за судбината на христијаните во Македонија и Одринско да бидат оставени сами наспроти тој режим, но и ,,изневерени,, од оние во кои тие ги полагаа најголемите надежи.

Најголемите и најбезмилосните се уништувањето на интелигенцијата. Систематската хајка што се водеше против сите оние, особено млади луѓе кои беа на повисоко културно и образовно ниво, имаше за цел духовно да го обезглави населението и да го фрли во уште подлабока бездна. Свештеник, учител, писмен селанец – сите тие беа подложени на жестоки прогонувања, затворања и уништувања.

За сето ова беспримерно говорат систематизираните податоци во кои се среќаваат неколку илјади имиња и презимиња на страдалници од Македонија, од кои многумина прозвучуваат познато. Податоците за ѕверствата и пустошењата, ограбувањата и бесчестењата се толку многу темелни и јасни, толку речити и беспоговорни, што нашиот разум тешко ги прифиќа, бидејќи цивилизираниот човек тешко може да се помири со фактот дека човештвото е во состојба да стори такво нешто.

Книгата од печат е излезена во 1904 година (на бугарски и француски јазик), а автор е Внатрешната револуционерна организација. Збунува фактот што Организацијата ги имала тие сили и можности и дека била моќна за еден таков напор и за еден ваков резултат. Претпоставуваме дека таа е резултат на нужност и на долг на светот да му се претстави целосната слика на хаотичната и безизлезна состојба во Македонија и Одринско и да се укаже дека без вооружено мешање на Европа, ни јота нема да се измени ужасната состојба на нештата.

Loading