ГАСОТ И ПАТОТ СЕ ПЕРСПЕКТИВА ЗА РЕГИОНОТ

Бизнис средба на Кавадарци и Прилеп

 MG 8850

Интензивирање на меѓусебната соработка на регионалните комори на Прилеп и Кавадарци, меѓу кои и компаниите од Крушево, Долнени, Кривогаштани, Неготино и Росоман, беше темата за средба меѓу стопанствениците, на која учествуваа и градоначалниците на двата града.            Бизнисмените ги акцентираа придобивките од изградбата на сообраќајната инфраструктура, експресниот пат Прилеп – Градско, и гасификацијата, кои, според нив, се клучни за развојот на регионите.

– На возвратната средба во Прилеп продолживме да ги откриваме  можните допирни точки за проширување на соработката меѓу стопанските субјекти од двата региони. Го ставивме на маса актуелниот економски миг и движењето на стопанството во двата региона на почетокот на годинава, особено со штетите од временските услови. Се разгледуваа отворени прашања, а заклучоците ги доставивме до Стопанската комора на Македонија, која потоа треба да ги проследи до повисоките државни инстанци – изјави Симон Наумоски, претседател на Регионалната стопанска комора во Прилеп.

Компаниите истакнаа дека се соочуваат со помала ликвидност и одложување на инвестициите поради целокупната ситуација во земјава.

– Се соочуваме со намалената ликвидност на претпријатијата како секаде во земјава. Комората во Скопје да презема иницијатива понатаму. Недостигаат доволно средства за развој и вложувања. Се надеваме дека ќе се надминат проблемите – рече Игор Мицев, раководител на правниот сектор на Кожувчанка.

Стопанствениците изразија задоволство од изградбата на новата патна инфраструктура и гасификацијата која ќе влијае позитивно на растот на конкурентноста на компаниите во регионот.

– Тиквешијата и овој дел на Пелагонија ќе станат попривлечни за домашните и странски инвеститори експресниот пат преку Плетвар и магистралниот цевковод за природниот гас – рече градоначалникот Марјан Ристески.

За неговиот колега од Кавадарци, Александар Панов, евтиниот енергент ќе влијае на пад на трошоците на сите субјекти, меѓу кои и на домаќинствата.

– Гасоводот мина низ Кавадарци. Во тек е постапка за директно приклучување на Дрекселмајер, Фени индустри и ИГМ. Во втора фаза ќе бидат поврзани останати субјекти. Гасификацијата на домаќинствата ќе оди преку концесија на мрежата. Процесот ќе го води државата. Донесовме заклучоци за стоотстотното измрзнување на лозовите и овошните насади  што е рамно на елементарна непогода. Апелиравме на користење на субвенциите за осигурување на земјоделските посеви, што во крајна линија го штити родот и финансиските ефекти – истакна Панов.

Регионалната стопанска комора ќе организира средби во и другите градови.

Loading