Снежана Јованоска – директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи
– Од 7000 социјалци од државна помош живеат само 2000 лица
До крајот на јуни околу 60 млади од 18 до 35 години од ранливите категории граѓани од руралните средини на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени ќе добијат возачка дозвола од Б и Ц категорија да бидат поконкурентни и полесно да најдат работа на пазарот на трудот. Меѓуопштинскиот центар за социјални работи ја изведува последната фаза од проектот во соработка со Младинскиот центар од Битола, а со финансиска поддршка на ЕУ. Ова е прв проект во сферата на социјалата што се изведува во Македонија, а чија вредност е 120 илјади евра од ИПА фондовите на ЕУ.
– Проектот од 2015 година беше насочен во развојот на руралните средини. Станува збор за обука на млади невработени од семејства со социјален ризик кои стекнаа дозвола за управување на возила со Б и Ц категорија. Имаше 200 кандидати од кои се селектираа 60. Процедурата беше комплицирана со оглед на сложените критериуми на ЕУ. Плус првпат се трасираше пат во социјалната сфера кај буџетските корисници. Сепак ги минавме сите бариери. Раскрчен е патот и лесно ќе аплицираме повторно за други проекти. Возачката дозвола е битна во ова време. Тој што ја поседува е поконкурентен, а дел од младите не можат да ја стекнат поради високите давачки. Финализацијата се очекува при крајот на јуни, кога последните 20, од 60-те кандидати, ќе имаат право да управуваат со возила. Радува што повеќе од половината од кандидатите се девојки. Во една од фазите беа и таканаречените меки вештини, на пример подготовка на биографија за конкурирање. Организиравме и заедничка средба со бизнис заедницата. Веќе се пројавија интереси дел од кандидатите да најдат вработување – вели Снежана Јованоска – директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.
Скоро нема граѓанин што нема потреба од некаква услуга или остварување на право од социјалниот домен. Центарот е и орган за старателство со малолетни деца, на деца со воспитни социјални проблеми, лица со посебни потреби, проблеми во брачната заедница и мировната постапка, со регулирање на видувања, средби, издавање на согласности за патни исправи за децата чии родители не живеат заедно и многу други документи.
Инаку, во Прилеп паѓа бројот на социјално загрозените граѓани. Од 7000 илјади граѓани кои ги уживале правата на социјална помош, сега бројката е сметната на околу 2000 лица. Причината за падот на социјалците е тоа што поголемиот број се работно ангажирани. Некои социјалци ја трансформираа земјоделската дејност во работен однос. Евидентирани се околу 400 лица како корисници на постојана социјална помош. Тоа се луѓе кои се материјално необезбедени и располагаат со документација дека не се способни за извршување на работни обврски. Такви се деца без родители и родителска грижа до 26 години, самохрани родители, дел додека се бремени и со деца до тригодишна возраст. Околу 1600 граѓани користат право на социјален надомест и државна грижа. Двете категории користат субвенционирање на греење од 800 денари месечно после платената сметка за струја или наеднаш ако набават дрва до 9600 денари.
– Имаме увид во материјална положба на семејствата и објективно се користат средства. Начинот за аплицирање за добивање на социјална помош е олеснет. Потребни се личните карти, државјанство, извод на родени и венчаница, а останатите документи од УЈП, од пензиско и другите институции ги добиваме службено. Странките само треба да потпишат точни изјави. Во овој контекст, пасивните баратели на работа, не можат да бидат корисници на социјална помош. Со изјава можат да направат промена на нивниот статус во бирото за вработување и да станат потенцијални корисници на социјална помош. Височината на надоместот е 2451 денар за самец, 3358 денари за двајца, за тричлено семејство е 4265, 5173 денари е за четиричлено семејство и 6081 денар е за петчлено или поголемо семејство. Овој надомест се користи три години, а потоа се намалува за 50 отсто – вели Јованоска.
Оваа материја е динамична и секојдневно е променлива, бидејќи се евидентираат нови, а се бришат старите поради работно ангажирање или други причини.
Ново возило
Наскоро Меѓуопштинскиот центар за социјални работи ќе добие ново возило за извршување на тековните активности, што не се случило многу години. Возилото ќе придонесе побрзо и поефикасно да се решаваат проблемите на населението поврзани со социјалната сфера.
Контрола на децата на улица
– Планираме да го засилиме надзорот на родителите на децата на улица. Летово оваа појава е поизразена. Ќе преземаме порадикални решенија. Секој родител кој бил опоменат и пак го пуштил детете на улица на просење, ќе се бара мерка, сместување на децата во соодветни институции – вели Јованоска.