ЗБОРУВАЈ СИ АКО НЕМАШ РАБОТА!

ivce1Многу лекарски совети од многу емисии на нашиве телевизии. Уште повеќе совети од тревари кои препорачуваат разни рецепти, за разни болести. Изобилуваат тука и разни грешки (јазични) во именувањето на определени растенија.

Водителите, па и гостите во емисиите се доста суетни, не сакаат да им се направи некоја забелешка. Многу одамна, на телевизијата Канал 5 се јавивме да укажеме на една очевидна јазична грешка (а ги има многу). Водителката “љубезно” не исклучи и прокоментира дека темата била поинаква, а за тоа, за јазичните грешки да сме се јавеле кога темата ќе бидела од таа област. Јазичните грешки си продолжуваат, но никогаш не се случи тема да биде јазикот и престанавме да мислиме за евентуално јавување.

Рековме дека во последно време лекувачите со билки се мошне чести. И грешките се чести. Ќе се задржиме поопширно само на една грешка која почна да се употребува речиси редовно. Си помисливме дека овојпат можеме да се јавиме и да укажеме на грешката. Емисијата, или темата, што велат тие, не е од областа на јазикот, сепак си рековме дека не е и надвор од јазичната проблематика. Гостин во емисијата – прилепчанец. Почесто гостува и препорачува рецептури од разни билки. Се гледа дека е подлабоко навлезен во таа проблематика. За грешката што ќе ја споменеме сме пишувале и порано, но кој прочитал – кој не прочитал. Си мислевме дека сега, ако се јавиме, ќе слушнат многу повеќе луѓе. И оние што имаат потреба од билките и оние што ги препорачуваат. Па дури и Баба Рада. Станува збор за билката МАТИЧНИК  (пчелник, матичина). Сите тие што ја препорачуваат и што ги опишуваат нејзините својства, ја викаат МАТОЧИНА. Мислевме дека, барем куртоазно ќе се заблагодарат за забелешката. Напротив! Интересно Додека зборувавме, водителката, божем учтива, не не прекинува. Се погледнуваат со гостинот со видлива иронија, како да сакаат да кажат – “Ете, и вакви коментари мораме да слушаме и да толерираме“. Штом завршивме, тие си продолжија. Гостинот, тревар, продолжи со МАТОЧИНАТА, дури овајпат тоа почна да го понагласува како да сака да каже – “Зборувај си ти ако немаш работа“. Објаснува за таа билка, за нејзините лековити својства. Мирисала на лимон и многу ја сакале пчелите, пријатната миризба ја привлекувала матицата па затоа билката се викала МАТОЧИНА. По извесно време (по десетина дена) му се јавивме на телефон на односниот господин дома. Не беше многу разговорлив, рече дека бил зафатен со некоја работа. А дека таа билка се викала МАТОЧИНА, тука немало дилема. Му велиме дека е тоа преземено од српските книги (буквално). Тој тврди дека и во македонски преводи било така. Лично, не сме сретнале македонски превод, но ако постои и ако и таму стои МАТОЧИНА, згрешил и преведувачот. За среќа, во некое поодамнешно време сме се занимавале по малку со собирање на билки, а и со одгледување на пчели. Тоа што го вели односниот господин, дека матицата и пчелите одат на таа билка привлекувани од пријатната миризба на лимон е точно. Е, па, токму затоа  го добила и македонското име ПЧЕЛНИК, МАТИЧНИК или МАТИЧИНА. Тоа МАТИЧИНА би била придавка која преминала во именка. Тоа е всушност МАТИЧИНА трева, како што е ВЕРВЕРИЧИНА опашка, ЛУБЕНИЧИНА ластунка и така натаму. Рековме овде придавката МАТИЧИНА веќе преминала во именка. Зборот МАТОЧИНА го нема во нашиот јазик и не постојат именки формирани на таков начин. Во српскиот јазик таа билка (според Драган Пакашки) има четири имиња – МАТИЧЊАК, МАЦИНА ТРАВА, МАТОЧИНА и ПЧЕЛИЊА ТРАВА. Во хрватскиот јазик, според книгата на Никола Гелинчир, односната билка носи име МАТИЧЊАК, ПЧЕЛИЊА ЉУБИЦА и МИЛОДУХ. Треба да напоменеме дека латинското име на оваа билка гласи – MELISSA OFFICINALIS. Голема штета е што во Македонија немаме релевантни преводи, односно немаме некоја точна номенклатура на лековити билки.

За среќа (MELISSA OFFICINALIS) ПЧЕЛНИК, МАТИЧНИК и МАТИЧИНА се регистрирани во нашите речници. МАТОЧИНАТА ја нема во ниеден македонски речник. Затоа, не треба само на готово да се презема од српските книги, туку да се проверуваат и речниците на македонски јазик. А треварите, да не мислат дека знаат се. 

Loading