ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ТУТУНСКИТЕ РАБОТНИЦИ

Тутунот е душа на Прилеп

Во градот со многувековна традиција на одгледување на тутун, ферментација и финализација во Тутунскиот комбинат, па со научната установа, Институтот за тутун, секоја година на 4 април се одбележува денот на тутунските работници. Негувањето на тутунското минато со генераци, пренесено во сегашноста, го кренал овој град до нивото на центар на тутунот на Балканот. Многу вредни луѓе создале домови, одгледале деца, направиле покрив, ваделе леб и се радувале на свадби и крштевки со тутунот. Со производство на милиони тони обезбедувале и значајни девизи за својата татковина. Оваа култура за Прилеп е душа, и срце, и мед, и мака и пот. Затоа се слави, во Тутунскиот комбинат, во Институтот за тутун, а и меѓу тутунарите 4 април е семеен празник. И државата го стави тутунот како единствено растение во режим на посебен третман со загараниран откуп. Заради носечката улога на тутунот во македонската економија, државата ги стимулира тутунарите со субвенции од едно евро од килограм последнава деценија.

Мирче Стојаноски, тутунар на 65 години, вели дека од бебе бил носен на нивите со тутун, легнат во пелени под сенките, додека родителите расадувале, копале или береле тутун.

-Крвта ми мириса на тутун. Оваа култура е живот за прилепчани и ќе биде. Колку и да е макотрпно одгледувањето, тутунот овде има традиција. Тој бил спас во најтешките мигови за фамилиите и поткрепа на државата со девизи кога недостасувале. Прилепскиот тутун е единствен. Мириса мискојна, а жолтата боја како смил го прави баран насекаде во светот. Имало различни периоди, кога не сме сакале дома да го видиме, до времиња кога со трчање сме оделе на берба од мугрите за да се спаси родот од поплави, слана или пекол. Тој цела година ни е член на фамилијата. Го има на таванот, леи со расад, низи и скелиња низ дворот. Сé што сум спечалил во животот е од тутунот. Не ми е душман, туку извор за живот, за школување на децата и што ли уште не. И со моиве години не се давам. Ќе продолжиме да го одгледуваме со сопругата, синовите, снаите и внуците. Тој е дел од нас – вели Стојаноски.

Во Тутунскиот комбинат со години се одбележува празникот. Последниве скромно, но се негува традицијата, оти се толкува дека пред 144 години е ставен во функција монополот во Прилеп.

So tutunot dve decenii - Verica Bozinoska

Работничката Верица Божиноска доби златник за 20 годишниот работен век. Истакна дека тутунарите и комбинатот се задоволни од ланската реколта која беше многу квалитетна.

V Kombinat 20 godini - Zoran Nuneski  so Aleksandar Dermendziev

За работното искуство фабриката за цигари, златник доби и Зоран Нунески. Рече дека Комбинатот е поставен на вистинскиот колосек со соработката со странскиот партнер.            

Првиот човек на Тутунскиот комбинат, Александар Дерменџиев, вели дека Комбинатот речиси век иполовина опстанал на разноразни економски бури.

-Најтешкото време е минато, излеговме од списокот на загубарите и претстои перспективен период, особено со склопувањето на стратегиското партнерство со интернационалната компанија Филип Морис. Комбинатот полека закрепнува и постепено чекори кон некогашната слава – вели Дерменџиев.

Синдикалната организација, која е носител на одбележувањето на празникот, секогаш негува добри односи со менаџментот на полето на социјалните права на работниците.

– Како социјални партнери, одржуваме добра соработката со раководството. И овој менаџмент ја почитува традицијата. Заедно, некогаш полесно или потешко, изнаоѓаме решенија за доброто на Комбинатот и на вработените – нагласи претседателот на синдикатот Игор Китаноски.

Директорот на Институтот за тутун Гордана Мицеска потсетува дека  во 1938 година тутунските работници на чело со Борка Левата штрајкувале за своите права и затоа овој ден е наречен ден на тутунските работници.

– Прославата има традиција во Македонија. Вработените во Институтот за тутун со 30 години работен стаж добиваат златник и икона – вели Мицеска.

Инаку, годинава над 10 илјади семејства ќе одгледуваат тутун на седум илјади хектари во прилепско, кои ќе склучат договори со девет откупни компании. 

Loading