ГРАДОТ СПРЕМА НОВА ИНДУСТРИСКА ЗОНА ЗАД ЦРН БОР

Илија Карески – раководител на Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина

– Канализација и вода за Градина, а наскоро и асфалт и светилки

CIMG2295

Домените за работа на Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина се огромни што се докажува со четирите одделенија: за урбанизам и заштита на животната средина, за комунални работи, за патишта и одделението за управување, располагање , администрирање и евиденција на недвижниот имот во сопственост на Општината.

Многу широк дијапазон. Накусо, во бројки, што е сработено лани?

Како показател ќе ги изнесам бројките од примените и решени предмети на граѓаните за 2016 г. Примени се 12.935 барања, од кои издадени се 113 одобренија за градење, 979 изводи од планови, 5559 потврди за точна адреса, за 15 е отпочната иницијатива за урбанистичка документација. Преку Е-кат шалтерот обработени се 942 предмети. Во мината година доделени се 913 решенија за легализација на бесправни објекти и обработени и нанесени во работните подлоги 1263 објекти. Издадени се за такси превоз 61 лиценци за фирми и 239 лиценци за возила  и 206 сертификати за такси возила. Одобрени беа 230 барања за користење на простор пред деловните и угостителските објекти.

Во широката палета, најмеродавен, е урбанизмот?

Сé почнува и завршува со урбанизмот, почнувајќи од генералниот план, деталните планови и друга урбанистичка документација согласно законската регулатива, сé до крајната реализација на планирањата во нив. Приоритет сега е подготовката на регулационите планови во ГУП според Законот за урбанизам, во кој ќе бидат дефинирани урбанистичките блокови по кои треба да се работат деталните планови. Ќе се отпочне со работа на ДУП-ови за населбите каде има над 80 отсто легизализирани објекти, оти тие можат да  влезат во ДУП. Со урбанизацијата на градот, се добива поголема среденост во комуналната инфраструктура, предвидување на нови површини за тековни потреби, како и на барањата на приватниот и на бизнис секторот за одобрение за градба и друга документација.

Стопанствениците се заинтересирани за индустриските зони. Ќе има ли нешто ново за бизнис секторот?

Вториот сегмент се индустриските зони. Имавме две, од кои во Прилеп 1, Металец, се продадоа 21 парцела и Сточното пазариште 18 парцели со помали површини. Се подготвува нова голема индустриска зона зад Црн бор, или Прилеп 4, каде парцелите ќе бидат околу 22 илјади м2. На просторот постојат површини и има интерес од одредени субјекти. Прилеп 3 е зоната спроти Жито Прилеп. Никнуваат капацитети, што значи дека стопанството има интерес, а градот е посветен на стопанствениците.

Градот е посветен и на станбено деловните комплекси?

Погодна локација за станбено деловен комплекс е просторот на старата општина. Станува збор за маркица од 5000 м2 или околу 80 отсто е за објект со височина за 13- 15 ката. Потоа е плацот кај старата болница, пред Центарот за јавно здравје. Има уште една локација кај паркингот на ул. 11 Октомври во Табаана.  За просторот на старата болница првин треба да се најде дислокација на Итната помош, а после да се урнат објектите. Решавањето нема да оди брзо. Интересен е просторот на стадионот, особено деловниот простор под трибините, а на делот од паркингот се предвидува станбено деловен комплекс.

До каде е уредувањето на новата населба Градина?

Во Градина, кај оранчериите, се реализира само еден модул со 25 локации за индивидуална станбена градба. Направена е инфраструктурата со водоводната и канализационата мрежа, а годинава ќе бидат и асфалтирани и осветлени улиците. Продолжуваме со следниот модул, бидејќи има интерес.

 Се ,,борите,, и со мракот кој е редок во градов ноќе и со прашината од улиците која ја има сé помалку поради асфалтот речиси на секоја сообраќајница?

Јавното осветлување е речиси решено во градот, плус проектите за новите  улици и одржувањето со нови штедливи и ефикасни светилки. И улиците во градов речиси секаде се асфалтирани. Успешно се справуваме со тој дел од комуналното уредување. Се подобрува и вертикалната и хоризонталната сигнализација на улицитте со поставување на 471 знак и 36 показни табли.

Се регулира речното корито, се креваат потпорни ѕидови, се пробиваат улици?      

Паралелно се чистат и одржуваат речните корита и канали. Покрај Дабничка, која се исчисти лани, исчистени се околу 300 метри од коритото на Градската река, од мостот на ,,Д. Наредникот,,.Овозможена е поголема пропустливост на водите при поројни врнежи и е отстранета можноста од поплави. Веќе се асфалтира вториот слој од ул. ,,Д. Нареднико,,.  Во тој дел ќе се отвора и кејската улица од мостот кај старата автобуска до железничкиот мост. Дел од ул. ,,Андон  Слабејко,,  ќе се претвори во пешачка зона со тивки, сервисни занаети. Годинава ќе се изгради и пешачкиот мост кај музичкото училиште. Продолжена е градбата на минор коритото во Ѓогдере. Ќе продолжиме и со кејските ѕидови од малото мовче во Ѓогдере до базенот. Се предвидува отворање на улица од страната за базенот.   Потпорните ѕидови се важни и се санираат на повеќе локации, како ул. ,,Преспанска,,, потоа ќе се оди и на локацијата Сирената,  ул. ,,Прохор Пчински,,.и секаде каде ќе се јави потреба од таков објект…

И селата добиваат канализација?

Направени се дел од канализационите линии за Големо и Мало Коњари и Канатларци. Проектите се тешко изведливи во рамничарските села каде се бараат големи ископи за да има падови. Со проектите се предвидени и скапите пречистителни станици. Во селата Галичани и Кадино село се направени поголеми капацитети за чиста вода за пиење, што беше децениски проблем. Годинава ќе аплицираме со проекти за фекални канализации за селата Селце и Мажучиште. Локалната самоуправа помага во уредувањето на парковите во Точила, Ѓогдере. Ќе се менува и дел од опремата на детските паркови.

Озаконети се многу диви градби?

Прилеп најдобро стои во легализацијата на дивите градби во земјава. Од 115 536  предмети во првиот рок И 3077 во вториот рок, решени се скоро десет илјади. Предметите се решаваат брзо, оти сме добро организирани.

Во населбата Сточен пазар    

Децата наесен во новото училиште

Градбата на училиштето во населбата Сточен пазар е во поодмината фаза. Треба да се постави уште една плоча. Објектот веќе е во фаза на карабина. Очекувам пуштање во почетокот на новата учебна година.

Стадионот за 12000 гледачи

Најголем проект е реконструкцијата на стадионот за да се добие квалитететна фудбалска арена за 10-12000 гледачи. Во првиот дел ќе се покрие простор со 5000 седишта на северната и јужната трибина. 

Табли и бројки со имињата на новите улици

Веќе се поставуваат табли за означување и нумерација кај 74 улици, чии имиња беа променети од Советот на Општината минативе две децении што досега никој не го направил. Наскоро ќе продолжи поставувањето на табли на други улици. Поставени се 1960 бројки на тие улици.

Loading