ХИГИЕНСКА ДЕЗИНФЕКЦИЈА!!!

ivce1Уште другарот Тито велеше дека земја што има младина како нашава, не треба да се плаши за својата иднина. Што не натера да се присетиме на оваа мисла? Го гледавме квизот на телевизија Канал 5. Гледаме двајца млади учесника. Прашањето гласи – ПОЗНАТИ ОХРИЃАНИ. Се појавуваат фотографии на познати охриѓани. Еден од учесниците треба да погоди за кого станува збор, а другиот, на некој начин, треба да му помага. Се појавува фотографијата на Григор Прличев. Нашиве младинци немаат поим. Ни тој што треба да потскажува, ни тој што треба да погодува. Му помага и водителот. Му потскажува дека станува збор за наш голем поет. Му кажува дека неговото име го носи Домот на културата во Охрид. Му сугерира и други поединости. Нашиов натпреварувач поим нема. Како тоа име воопшто да не е познато. Како да се појавува за првпат токму сега, во квизот. Се мисли, се мисли нашево момче, не го знае одговорот и на крајот вели – ДАЛЈЕ. Браво момче! Браво наши млади луѓе! Алал вера! Да не може да се погоди Григор Прличев, при толку потскажувања, тоа е еднакво на резил. Прличев е еден, единствен и голем поет. На нашиве натпреварувачи тоа име не им значи и не им претставува ништо. Браво уште еднаш!

Инаку, што да се рече за јазикот во квизот? Каша – попара. Постоеше и една игра кога учесниците требаше нешто да нацртаат. Водителот му вели на учесникот: “Сакам да ми ја нацрташ Викторија Лоба у купаќи костум”. И што не сме чуле уште од водителот! Ќе ви каже тој дека може да добиете и КОБАСИЦИ. Ќе ви каже и колку КОМАДА можете да добиете од наградата. Зборот ПАРЧЕ, не му е познат. Ќе ја праша натпреварувачката, зошто не и е дојден и МУЖ и!

Постои и рубрика кога учесниците треба да пеат. Оди текстот а натпреварувачот треба да пее. Песните, обично српски. Е, тука нашиве млади луѓе, нашиве натпреварувачи се мајстори. Песните (српски) ги знаат без грешка. А текстот на кој се пишувани ние го гледаме на екранот. Како да го пишувал најнеписмениот човек. Срамота! Сме пишувале за ова. Но, многуте грешки не предизвикуваат повторно. Квизот се емитува на македонска телевизија. Нормално, треба и да биде на добар македонски јазик. Но…

Да се префрлиме на друго поле. Нашава почва е “плодна”, каде и да се заврти човек, насекаде грешка до грешка.

Да појдеме во болницата. Инфективно одделение. По ѕидовите прицврстени некакви апарати. Веројатно ги има низ цела Македонија. Не се тие прилепски. Се загледуваме. Под самото апаратче, прицврстена табличка. Разни цртежи на неа. Тие го покажуваат начинот на кој треба да се активира апаратчето. На горниот дел – наслов: “Хигиенска дезинфекција на раце”. Каков е овој наслов? Тие апарати сигурно се произведени во определена фирма. Таму, веројатно има (или треба да има) лектор. Каква е таа ХИГИЕНСКА ДЕЗИНФЕКЦИЈА? Постои ли некоја дезинфекција која не е хигиенска?

Во Лексиконот на Вујаклија пишува дека дезинфекција е чистење на воздухот, на телото, на облеката, на станот, од разно-разни микроорганизми. Накусо – уништување на микроорганизми кои можат да предизвикаат или кои веќе предизвикале зараза. Зборот има француско потекло.

Зборот ХИГИЕНА е од грчко потекло. Општо познат, не само кај нас, туку и во целиот свет. Според Вујаклија, тоа е наука за негување на здравјето. Зозе Мургоски дава пошироко објаснување. Тој вели дека ХИГИЕНА, тоа се мерки и принципи за одржување на телото и работната и животната средина, во чиста состојба, со цел да се спречи појава на болести. Ете, токму за тоа служи и дезинфекцијата на рацете. Затоа, не треба да се нагласува – ХИГИЕНСКА ДЕЗИНФЕКЦИЈА. Едноставно – ДЕЗИНФЕКЦИЈА НА РАЦЕ.

Loading