ДАНОКОТ Е ВЛОГ ВО ДЕНЕШНИНАТА И ИДНИНАТА

БОШКО ТАЛЕСКИ- РАКОВОДИТЕЛ НА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА АДМИНИСТРИРАЊЕ СО ПРИХОДИ

Како прв човек на даночната администрација при Локалната самоуправа како ќе ја коментирате  првата декада од отпочнувањето на процесот на фискалната децентрализација?

Danokot e investicija vo Opstinata - Bosko Taleski

Минатата 2016 година, заврши првата декада откако во 2006 година почна процесот на фискалната децентрализација. Овој процес претставува врвен демократски чин во секое високо развиено општество, од едноставна причина што практикувањето на власта се одвива пред очите на неговото ,,височество,, – граѓанинот. Изминатите 10 години даночната администрација стратешки и многу трпеливо го градеше фискалниот капацитет на локалната самоуправа. Челното место во најкомплексниот административен сегмент во општината, претставува голем и сериозен предизвик, затоа што е нужно да се менаџира локалниот процес на оданочување и истовремено да се води даночната администрација. Тоа е голема одговорност, проследена со високо ниво на професионализам и крајна посветеност. Заради строго пропишаната законска регулатива, нема простор за импровизација. Даночниот обврзник и услугите претставуваат наш врвен приоритет. Освен во служба на даночните обврзници, одделението за администрирање на приходи е во функција на буџетот на ЕЛС. Преку призмата на остварување на работните задачи на вработените работат во интерес на градот, за доброто на граѓаните. Нашиот ангажман е насочен на доизградба на помодерна, уште попрофесионална и поценета даночната администрација, во институција со кредибилитет што го одржува даночниот систем на стабилно ниво. Тука секако е неминовниот процес на модернизација, унапредување на услугите, имплементирање на позитивните практики и искуства како и знаења и стандарди од даночните администрации во високо развиените земји.

Како од аспект на Одделението за администрирање со приходи може да се коментира подмирувањето на даночните обврски на правните и физичките лица од нашиот град за изминатата 2016 година?

Секоја институција, да биде ефикасна и ефективна во давањето на административните услуги, мора секоја задача да ја изврши на најдобар можен начин, односно прва и единствена цел мора да биде максималниот квалитет во нејзиното работење. Заради тоа, беше и уште е предизвик да се создаде квалитетен даночен амбиент, чијашто главна карактеристика ќе бидат неколку основни начела и принципи и тоа: професионалност и стручност, независност, едноставност и услужност, транспарентност, политичка неутралност и праведност, ефикасност и ефективност. При тоа, повеќе не е доволно вработените да се само оперативно оспособени, послушни и формално присутни на работното место. Од нив се бара знаење, висок степен на концентрација, креативност, мотивираност, посветеност и соодветна организациска култура на однесување. Изминатата 2016 година постигнавме одлични резултати во делот на исполнувањето на планираните приходи, што практично е и примарна функција на институцијата. Приходите кои ги анализиравме говорат и се несоборлив факт за реализираните средства во буџетот кои се позиционирани на оптимално ниво, исто како и во претходните 10 години. Проекциите се реализирани и изнесуваат околу 87 отсто од планираните приходи. Позитивниот резултат е постигнат во услови на длабока политичка криза и изборна година. Тој е производ на посветената работа на сите вработени од даночната админстрација.

Дали се поедноставени бирократските процедури во одделението за админстрирање со приходи?

Нашата мисија, во прв ред, треба да обезбеди исклучително високо ниво на квалитативни даночни услуги, да ги поедностави даночните постапки  со единствена цел, даночните обврзници навремено и точно да ги исполнуваат даночните обврски. Ова беше единствената формула на која можевме да се надеваме за праведно и ефикасно собирање на локалните даноци, такси и придонеси. Добрата организација, добро делегираните задачи, квалитетните софтверски решенија на процесите придонесуваат за одлични резултати, односно до реално и точно задолжување и наплата на даноците. Навремената и точна информација, едноставните бирократски процедури, непосредноста во секојдневното работење, континуитетот на носењето на даночните акти во законските рокови, согласно даночниот календар, придонесуваат за зголемување на доброволната наплата. Затоа може да се заклучи дека даночната свест и совест е на се повисоко ниво. Краен резултат е навременото и редовно намирување на обврските на сограѓаните.

Дали финансиската состојба на правните и физичките лица влијае на флексибилноста во наплатата на локалните даноци и такси и какви се очекувањата за годинава?

Пред нас е уште една календарска, односно фискална година. Се надевам дека ќе биде исполнета уште со поголеми професионални успеси. Менаџментот на општината уште од стартот на фискалната децентрализација во 2006 година води политика на оптимални даночни стапки кај сите локални даноци, такси и придонеси. Бидејќи се работеше за позитивен економски момент, ценевме дека оваа политика на оптимални даночни стапки ќе биде еден вид на избалансирана буџетска стратегија. Во тој момент, верувајќи во сопственото знаење и способности, решивме да ги менуваме состојбите во насока на создавање на претпоставки за поефикасно и поквалитетно работење втемелено на нови финансиски, економски и даночни односи. Во 2009 година, со оглед на светската економска и должничка криза, се редефинира даночната политика, односно политиката на минимални стапки на локалните даноци, такси и придонеси. Предвидувавме да постигнеме неколкукратни ефекти. Примарно беше задржување на трендот на економски раст и развој на малите и средни претпријатија, зајакнување на фискалниот капацитет на општината, поттик за создавање на креативен бизнис амбиент, зголемување на фискалната дисциплина, задавајќи í силен удар на сивата економија и даночната евазија. Секундарен ефект од овие мерки беа очекувањата дека ваквата политика во иднина ќе значи силен аргумент на локалната самоуправа за привлекување на нови домашни и странски инвестиции и отварање на нови работни места, подигнување на животниот стандард на нашите сограѓани. Конкретното имплементирање на овие мерки втемелени врз знаење, инвентивност, тимско работење и длабока убеденост дека работите во најголема мерка зависат исклучиво од нас, донесоа одлични резултати чии ефекти се гледаат и денес.

Што се случува со даночните обврзници кои нередовно ги подмируваат даночните обврски?

Даночната админстрација не е репресивен орган. Затоа нагласен е  концептот на превенција и едукација со цел подобрување на даночниот амбиент, а со тоа и зголемување на даночната свест и совест кај даночните обврзници. Оние што нередовно ги намируваат даночните обврски, не се даночни неплаќачи, туку некоректни даночни обврзници. Факт е дека постојат и со нив сме во постојан ,,натпревар,,. Максимално сме посветени да го намалиме јазот на даночното затајување, со што би í задале силен удар на сивата економија. Преку искуствата и креираните стратегии и политики ја засилуваме ефикасноста со тенденција на наметнување на навика на редовност при пријавувањето и плаќањето на локалните даноци, такси и придонеси.

Каква даночна политика спроведува локалната самоуправа?

Познато е, дури е и објавено од релевантни меѓународни институции дека Македонија е држава со најниски даноци во светот. Во таа насока е и локалната економска и даночна политика со цел да се одржи константното ниво на ниска даночна стапка. Преку ниските даноци, лесните процедури, ефикасните услуги кои ги стимулираат локалните бизниси, новиот генерален урбанистички план, можноста за легализација на бесправно изградените објекти, претендираме на раст на економските параметри. Најниските даночни стапки, во споредба со ЕЛС со слични или исти особености како Прилеп, не значат комотно однесување и неплаќање, туку се значаен стимул за доброволно плаќање на даноците, а наедно и намален бизнис ризик и зголемен капитал во фирмите.

Што се планира на полето на модернизацијата на даночната администрација за да им се овозможат подобри услуги на даночните обврзници?

Како што се движат позитивните процеси во стопанството, посебно отворањето, растот и развојот на малите бизниси, се трудиме да одржиме чекор со тој тренд. Одредени процеси ги завршуваме и отвораме нови. Проценка е дека тоа е правилен концепт на развој и реформски пристап. Акцент секогаш се става на воведување на нови и поквалитетни стандарди и максимално добри услови за даночните обврзници. Врвен приоритет е модернизацијата, согласно новото време за живеење, односно воведување на електронски алатки за полесна и побрза комуникација со даночните обврзници, за поедноставно исполнување на даночните обврски. Ориентацијата е насочена кон зголемување на палетата на електронски услуги што за крајна цел има даночниот систем да биде поефикасен, подостапен и потранспарентен. Користејќи ја креативноста и искуствата на поразвиените средини, внесуваме новини за олеснување на комуникацијата со корисниците на нашите даночни услуги.  Го креиравме проектот, Е-даноци, преку кој воведовме електронска даночна пријава, Е-сметководство и Е-архива. Воведовме и Е-данок, односно електронски увид во даночната финансиска картичка за секој обврзник и терминали во даночното одделение во соработка со банкарскиот сектор. Спремни сме за соработка со мобилните оператори за плаќање на административни такси преку СМС пораки. Најважно е што и понатаму ќе продолжиме со комуникацијата со даночните обврзници преку стопанските и бизнис комори, како и преку урбаните заедници каде што низ непосредниот контакт ќе ги слушнеме идеите и сугестиите од нашите сограѓани. Планираме да воведиме и Е-даночен дневник.

Колкав е предвидениот приход од локалните даноци за 2017 и колкав процент од тие средства се вложуваат во развојот на нашиот град?

Средствата од локалните даноци, такси и придонеси учествуваат во креирањето на приходната страна на буџетот на локалната самоуправа во висина од 35 – 40 отсто. Сите овие средства до последниот денар претставуваат директни инвестиции во огромниот број на проекти за изградба на нова инфраструктура или за подобрување на постоечката и тоа во градот и во населените места. Со тоа квалитативно и квантитативно се подобруваат условите за живеење. За тоа сведочат многуте реализирани проекти на локалната самоуправа во изминатата декада со што Прилеп од година во година прераснува во модерен европски град, одлична бизнис дестинација и пристојно место за живеење.

Каква порака имате за даночните обврзници односно за физичките и правните лица ?

Секој од нас мора да ја почитува граѓанската должност навремено да ги сервисира даночните обврски, затоа што само така ќе можат да се наплатат даноците и тие да станат дел од локалниот буџет. Претпоставувам дека правните  лица најголем дел од своето драгоцено бизнис време и енергија ги посветуваат на иновативни технолошки процеси, понуда на нови производи, зголемување на продажбата, пронаоѓање на нови пазари, но не и на затајување или не плаќање на даноците. Тоа е краткорочно, затоа што данокот порано или подоцна ќе мора да се плати, бидејќи одложувањето секогаш носи огромен ризик во смисла на камати и други законски пропишани казни. Плаќањето е граѓанска должност, односно обврска кон сегашната и идните генерации, сегашност и иднина, нашето општество и нашата држава. По угледот на демократски развиените држави, мора да градиме даночна култура почнувајќи од најмала возраст. Тоа е долг кон себе и кон иднината на нашата држава.

Loading