ОУ „Климент Охридски“

Наставничката по македонски јазик Јулијана Талеска од ОУ „Климент Охридски“ не престанува со инвентивноста и креативноста. На часовите за седмоодделенците, предвидени за медиумска култура, поточно за анимиран филм, учениците правеа повеќе активности кои им помогнаа на интересен начин да ја совладаат предвидената материја.
Го гледаа првиот анимиран македонски филм „Ембрио Но. М” од Петар Глигоровски (1971), потоа гледаа видео кое покажува различни типови анимација, кратки анимирани филмови од Пиксар. Учениците твореа и цртаа стрипови во групи, кои подоцна ги презентираа пред класот.
– Најинтересниот дел беше правењето филмски играчки. Учениците правеа тауматроп. Подготовката е едноставна. Потребни се ножици, картон, хартија, боички, лепило и конец или стапче. Ако на учениците не им оди цртањето, може да им се испечатат и листови со готови цртежи. Учениците можат да направат и други филмски играчки или да им зададат за домашна работа како матноскоп (flip book animation) која е всушност тетратка (тефтерче) во која на средина на листовите се нацртани фигури во разни ситуации и при брзо вртење со палецот се добива впечаток дека фигурите се движат; потоа зо(у)отроп, или колце на животот. Тоа е цилиндер направен од картон, на внатрешната страна се цртаат сликички (на пример, раце во разни ситуации – кренати, спуштени, полукренати, мавтаат и сл.) од надворешната страна се сечат вертикални отвори; при движењето се добива впечаток дека сликите се движат – објаснува наставничката Талеска.
Практичните активности може да се прават на часови, или пак во слободното време, со другарчињата, да се пробуваат филмските техники и игри.
![]()

