Интензивно се гради црквата Свети Наум во влизина на Паркот на Револуцијата. Се очекува наскоро да заживее духот на Свети Наум Охридски кој е познат и како чудотворец.
– Црквата се гради со поддршка на локалната самоуправа. Очекуваме да биде завршена во јули – вели Бошко Талески од Иницијативниот одбор.
Свети Наум останал запаметен како чудотворец, со моќ да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповеди, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на верата и народноста. Познат е и како македонски средновековен писател и културен деец. Во житијата, Службата како и во Молитва кон Св. Наум, се среќаваат податоци за чудата на св. Наум од народните преданија. Свети Наум Охридски се празнува двапати, во јули и во јануари. Пред црквата во изградба се одржа водосвет и режење на славскиот колач. На настанот присуствуваат голем број на верници.
Oва е четврта црква која се гради во Прилеп последните неколку години. Изградени се „Свети Константин и Елена” во типската населба, црквата „Свети Пантелејмон” во кругот на општата болница и црквата „Света Петка” во Точила. Планирани се уште три нови верски храмови во населбите Тризла, Сточен пазар и Марино Маало.